Сахара груп ќе ја реорганизира Џумајлија

26

Претставници на индиската компанија Сахара груп утре доаѓаат повторно во Македонија за да започнат со реорганизација на агрокомбинатот Џумајлија.

Планирано е градежните работи да започнат во октомври, а активностите да се засилат на пролет, објави ТВ Алфа.

Па така во наредните три години ќе бидат изградени четири одвоени фарми за крави кои ќе бидат целосно климатизирани и со оддели за механичко молзење, високотехнолошка млекарница, како и објекти за производство на добиточна храна.

Вкупно дваесет илјади крави треба да бидат увезени од Холандија, во неколку фази. Инвестицијата ќе чини 211 милиони евра, од кои 60 милиони ќе бидат потрошени во првите 8 месеци, 70 милиони во наредните 12 и уште 80 до крајот на тригодишниот период.

Плаирано е да бидат вработени 2000 луѓе од различни профили поврзани со земјоделството, како соработка со локалните сточари. Се очекува новите технологии да ги зголемат приносите и до 30%.

Согласно договорот склучен со Министерството за земјоделство, претставништвото на Сахара Груп во наредните 15 години, за земјиштето ќе плаќа закупнина од 121.000 евра годишно.

Инаку Џумајлија е вториот најголем агрокомбинат во Македонија со 6000 хектари обработливо земјиште и 6000 хектари пасишта, винарска визба, млин, фарма со капацитет од 1000 овци и 200 крави.