Сакам приказна што трае, топката е фрлена и нема да застанеме

905
viktor
Виктор Павлов, косопственик на Чеза Комерц

Во 200 најуспешни македонски компании сме 10 години, а за прв пат годинава се појавивме и меѓу најголемите. На пазарот сме скоро 30 години, имаме многу искуство и ги научивме правилата.

БИ: Како почнува приказната за Чеза Комерц?

Чеза постои од 1986 година, најпрво како дуќан, а од 1990-та како трговска фирма Чеза Комерц. Идејата за името е на татко ми, затоа што имаше двоколка чеза, но само како име, инаку бевме во сосема друга дејност. Иако сме имале проблеми со името, затоа што е необично и очигледно на нашите простори поретко се возеле двоседи отколку кочии и каравани, традицијата не ја менуваме од причина што сметаме дека не е многу битно името, туку кој стои зад фирмата. Главната дејност на компанијата е трговија со зрнести производи, семки, зачини, сушени плодови, масти, масла, адитиви, ароми и суровински материјали. Имаме сопствени камиони за дистрибуција, а работиме и на преработка на еден дел од суровините. Фирмата е фамилијарна, ја водиме татко ми, јас и брат ми. Сите сме различни по карактер и мислење, секогаш имаме три видувања за било која ситуација. Можеби на тоа се должи успехот. Мислам дека сме на прав пат, затоа што сите проблеми ги решаваме на начин тоа да биде долгорочно.

1

БИ: Пред две години претставивте два Ваши бренда. Со какви предизвици се справувавте за да ги пласирате на пазарот?

Нутини, зрнести производи и Кибелa, земјоделски продукти, зачини и адитиви, се два наши бренда, кои си ги третираме како бебиња, затоа што израснавме многу туѓи бебиња, па си создадовме наши. Овие два бренда за релативно кратко време многу испоровоцираа на пазарот. Нашиот бизнис секогаш бил, како што велам, нискокалоричен, многу конзумиран преку разно разни веќе етаблирани маркети и пакувачи, а ништо не останува за тебе, значи сме работеле со голем обрт, сме финансирале многу туѓи проекти за мал приход, но сепак сме биле анонимуси за потрошувачот. Со цел да покажеме кои сме и што можеме да направиме, пред се за потрошувачот, се појавија нашите brand name производи. Нашиот производ има одлична амбалажа, најдобар квалитет, а ниска цена и затоа имаме проблеми, нели поговорката гласи “се што е евтино, не чини”, но во нашиот случај гласи “поблиску е до изворот”. Но, нас пазарот не ни е за една година, ние сме тука долгорочно и мислам дека малку по малку успеавме. Сепак, бренд не се гради за една година. Сето ова се должи и на тоа што секогаш сме оделе со поскапа технологија. На пример, за Нутини машината е многу софистицирана, дали има такви две машини на Балканот. Сметаме дека Македонија треба да биде на ниво на европски стандарди, сме го вреднувале денарот на потрошувачот и можеби затоа сме успеале.

3

БИ: Вашата компанија расте секоја година, имате обрт од 5.000 тони годишно, а освен на македонскиот пазар, присутни сте на повеќе странски пазари…

На почетокот имавме проблеми да создадеме имиџ во странство, затоа што Македонија во 90-тите беше непозната и тешко беше да се стекне доверба. Меѓутоа, поради нашите лични принципи, така сме воспитани, а и татко ми е таков, затоа што сме прецизни и во однос на плаќањето и во однос на договорите, во нас детектираа добар партнер. Референците се множеа, добивме многу пријатели со кои до ден денес, иако можеби не соработуваме, имаме добри корелации. Во изминатите 30-тина години имаме соработка со 52 држави на сите пет континенти. За овие две години успеавме да направиме извоз во Хрватска, Албанија, Србија. Секој што купил од нас останал наш купец. Тоа е успехот.

Од лани имаме 100% раст во продажба, а мислам дека тој раст ќе биде уште поголем, затоа што се уште не е опфатен целиот пазар.

Во 200 најуспешни македонски компании сме 10 години, а за прв пат годинава се појавивме и меѓу најголемите. На пазарот сме скоро 30 години, имаме многу искуство и ги научивме правилата. Добитници сме на награда за најдобро практицирање бизнис за 2003 година на светско ниво, признание за лидер за престиж и квалитет во 2005 и многу други.

По дефиниција, ние го имаме најтешкиот дел од играта, затоа што цените се променливи, берзански се, денес е пет, утре е осум, задутре е четири, значи ризикот да ги изгубиш парите е многу поголем отколку во некоја друга бранша.

Интересен е македонскиот пазар. Ние на секоја фирма секогаш сме гледале со респект, никогаш не сме го потценувале ни најмалиот маркет. Но, за овие години на многу болен начин ја искусивме трговијата. Никој не сака да ти помогне кога имаш проблем. Многу е интересно што подобро стојам со странски фирми, отколку со домашните. Кај нас дефиниција за успех е непосакуван човек. Важи она “тој е многу успешен, гледај да му го симнеш тронот”. Но, не можат да те симнат, ако те бива, те бива.

БИ: Како е справувате со конкуренцијата?

4Максимално се вложуваме, максимално даваме се од себе, а од друга страна имаме конкуренција којашто воопшто не вложува, едноставно сака да го излаже купувачот, работи да ја заобиколи државата, нормативите. Најтрагично е што тој некој кој и ден денес во када ги соли кикириките, во стан што му го оставила баба му, викаат дека ми е конкуренција. Не е така. За мене во Македонија конкуренција, но и наши соработници се Свислион, Витаминка, Европа. Купци ни се и големите куќи и малите.

 

БИ: Има една интересна анегдота за тоа како сте го почнале бизнисот. Како оди приказната?

Има една анегдота дека бизнисот сме го почнале со парите од мојата седмица на лото. Во средно имаше три професорки што имаа три часа еден по друг, а некако ич не ми одеше со нив, иако бев скроз одличен ученик. Решивме со другарите да не одиме на часови еден ден, и како изговор зошто не сме отишле, измисливме дека сме добиле седмица на лото, која во тоа време изнесуваше два милиони марки. Се рашири муабет по школите во Скопје, дури и слободни денови ни дадоа, да прославиме. Година дена откако се случи тоа, некој од муштериите кажа “лесно му е на татко ти, со парите од седмицата направивте бизнис”. Кога разбра татко ми, и ќотек ќе изедев за малку. И ден денес луѓето така мислат, што е жива глупост.

ceza komerc 2

БИ: За крај, што понатаму?

Имало интересни ситуации, а сме имале и многу среќа. Секогаш велам, фирмата не ја водам ниту јас, ниту брат ми, ниту татко ми, ние делуваме во таа насока, но мислам дека некој четврт постојано ни се меша и ни помага. Само едно ќе кажам. Ние нема да застанеме. Нашиот пат е веќе трасиран. И да сакаме, веќе фрлена е топката, продолжуваме понатаму. Мислам дека следуваат уште многу успеси. Гледам некои фирми датираат од 1800 и некоја година, на пример. Сакам такви фирми. Сакам приказна што трае. Сведоци сме на она “денес го има, утре го нема”. Не сакам такви приказни. Не сакам зихераштво, сакам пријателски односи, со тој што соработувам да ми верува и јас да му верувам, уморни сме од скептицизам. Имаме прекрасна соработка со многу фирми. Многу фирми не издадоа, сметам дека и тоа е дел од животот. Но и на нив им посакувам се најдобро. Сакам кога има правила на игра. Сакам да е строго, сакам ако вредиш да те наградат. Не можам да сфатам, да имаш бизнис, ти тргнало и да не ти пружат рака. Тоа не можам да го разберам. Сакам убави приказни како приказната за седмицата на лото.