
Платформата на Гугл, Јутјуб објави дека од 1 февруари ќе ги заостри условите за новите креатори на содржини кои сакаат да заработуваат од реклами и претплати.
За влез во програмата за монетизација на Јутјуб ќе бидат потребни најмалку 8.000 часа гледаност на содржините во текот на претходната година или 20 милиони прегледи на кратки видео-снимки (Shorts) во последните 90 дена, пренесува Тек кранч.
Досега беше потребно креаторите да имаат 1.000 следбеници и 4.000 часа гледаност во текот на претходната година или 1.000 следбеници и 10 милиони прегледи на кратки видео-снимки во последните 90 дена.
Промената важи за новите партнери, како и за креаторите на кратки видеа
Промената нема да се однесува на креаторите кои веќе се дел од партнерската програма за монетизација на Јутјуб.
Јутјуб исто така дополнително ќе им ја отежне заработката на креаторите преку фондот за креатори на кратки видеа (Shorts Creators Pool).
Тие ќе мора да остварат најмалку 10 милиони прегледи на кратки видеа (Shorts) во период од 90 дена за да продолжат да заработуваат на тој начин.
Каналите што нема да го достигнат тој праг ќе останат во партнерската програма и ќе продолжат да заработуваат од долгите видео-формати, додека заработката од кратките видеа ќе им биде повторно достапна кога ќе достигнат 10 милиони прегледи.
Не ги менува правилата само Јутјуб
Компанијата ја образложи промената со растот на платформата, која сега бележи повеќе од 200 милијарди прегледи на кратки видеа дневно и повеќе од една милијарда часа гледаност на содржини на телевизори секој ден.
Јутјуб не е единствената социјална мрежа што ги менува програмите за наградување на креаторите.
Платформата Икс во текот на викендот ги промени правилата така што наградува само оригинална содржина, додека Фејсбук претходно оваа пролет лансираше нова програма за монетизација за да привлече креатори од Тикток и Јутјуб.











