Салвадор: Сe повеќе скептицизам за биткоинот

74

Расте скептицизмот во Ел Салвадор за биткоинот, кој ќе стане легално средство за плаќање во оваа централноамериканска земја на 7 септември. Ел Салвадор ќе стане првата таква земја во светот. Повеќето компании не сакаат да ја прифатат оваа валута.

Владата ја претстави оваа одлука како мерка за зајакнување на економскиот развој и вработување.

Според  BBC, жителите на Ел Салвадор не се подготвени за овој чекор, а Светската банка е против воведувањето на биткоинот како платежно средство.

Парламентот во јуни гласаше за воведување биткоин како средство за плаќање. Според новиот закон, компаниите ќе мора да ја прифатат и споменатата криптовалута и американскиот долар, што е втората официјална валута во земјата.

Низ Ел Салвадор, се инсталираат повеќе од 200 нови уреди што овозможуваат конверзија на долари во биткоини.

Владата им нуди на граѓаните 30 долари биткоини преку онлајн апликација за да ја поттикне употребата на оваа валута.

Одлуката, сепак, ја подели јавноста. Неодамнешните протести во главниот град Сан Салвадор покажаа недостаток на доверба кај граѓаните, од кои многумина не знаат ниту што се криптовалути.

Според истражувањето на Централноамериканскиот универзитет (UCA), само 4,8 проценти од 1.281 испитаници разбираат што е биткоин и како се користи.

Повеќе од 68 проценти од испитаниците не се согласуваат со употребата на криптовалута како легално средство за плаќање.

Повеќе од два милиони работници од Салвадор во други земји испраќаат пари на нивните семејства во Ел Салвадор. Овие средства претставуваат дури 20 проценти од бруто домашниот производ на оваа земја.

Застапниците за користење биткоин велат дека испраќањето пари дома би било поевтино, а некои аналитичари предупредуваат дека може да се случи токму спротивното.

Стопанската комора додава дека повеќето компании не сакаат да прифатат биткоин бидејќи неговата вредност е нестабилна и непредвидлива.

Некои аналитичари велат дека мерката е наменета само за да „побара внимание од автократскиот режим“.