Самит на Mакедонија2025 во Скопје: Македонија може да профитира од новите финансиски модели во одржливиот развој

22

thumbnail_Cover Photo

Одржливите финансиски модели се актуелна тема за секторите и компаниите кои се во раст и кои имаат амбиција да го одржат, прошират или диверзификуваат своето присуство на пазарот. На панелот Европска и регионална интеграција, експертите ќе зборуваат за финансиите, европските пазари и можностите за интегрирање на македонското стопанство со регионалните корпоративни сектори.

Еден од главните говорници на Самитот е Министерот за економски развој и технологија на Словенија, Здравко Почивалшек. Почивалшек ќе се осврне и на неговото искуство како поранешен извршен директор на комплексот хотели и термални води Терме Олимиа, за да го стави во перспектива користењето на природните ресурси во генерирање економски развој во секторите туризам, земјоделство и здравје.

За одржливите финансиски модели на европскиот пазар и за евроскептицизмот ќе зборува Ливио Страка, кој е главен на одделот за меѓународни политики на Европската централна банка. Тој ќе се осврне на евроскептицизмот, на односот на компаниите и институциите кон оваа појава и на можностите за раст во европската економија.

Дел од овој панел ќе бидат и Никица Мојсовска-Блажевски, професор и декан на Универзитетот Американ Колеџ – Скопје, ќе зборува за влијанието на економската интеграција на македонската економија, а Нина Неданоска, директор на сектор за корпоративно и инвестиционо банкарство, Охридска Банка, Групација Сосиете Женерал, ќе зборува за можностите за раст преку интегрирање на стопанството во регионален и континентален контекст.

Поранешниот претседател на италијанската трговска агенција и претседател на мултинационалната фирма Италферр, Рикардо Монти, ќе зборува за трговските релации помеѓу Европа и југоисточна Европа.

За македонските компании, претприемачи и институциите посветени на економскиот развој ова ќе биде одлична можност за стекнување увид во методите на инвестирање кои се имплементираат на ниво на Европа.

„Со оглед на тоа дека Република Македонија располага со ресурси за кои постојат можности за економски развој и инвестиции во секторите еколошки туризам, здрава храна, термални води, ветерници и фарми за сончева енергија, биогорива и останати сектори. Самитот е вистинското место каде што може да се дознае од прва рака за перспективите и методите на европските компании и инвеститори. Овие сектори им овозможуваат профит и одржлив развој на голем број држави и региони низ цела Европа, а Македонија не заостанува во однос на капацитетите што ги имаме овде, а кои треба да се развијат на повисок стандард“, изјави Зоран Мартиновски, претседавач на панелот и со Самитот на Македонија2025.

Настанот кој се организира по петти пат од страна на невладиниот тинк тенк Македонија2025, ќе се одржи на 20 и 21 октомври во Скопје.