Самит на женско претприемништво: Жените знаат да го најдат вистинскиот пат и храбро да се борат

85

Жените имаат исти права како и мажите, но не секогаш имаат исти можности. На секоја жена која има доволно знаење и квалитет, треба да ѝ биде дозволено да обезбеди подобро утре, беше истакнато на првиот самит за женско претприеништво што денеска и утре се одржува во Скопје.

Надлежните институции ветуваат поддршка со цел уште повеќе да се поттикне и зајакне женското претприемништво. Годинава, за првпат се прогласени и најдобрите жени претприемачи, а податоците покажуваат дека компаниите во сопственост или управувани од жени ја зголемиле добивката и бројот на вработени. Во периодот 2018-2020 година, селектираните 51 компанија, кои учествуваа во изборот, го зголемиле бројот на вработени за 70,73 проценти, а добивката за дури 112,44 проценти.

Според претседателката на Националната платформа за женско претприемништво, Валентина Дисоска, жените претприемачи многу лесно знаат да го најдат вистинскиот пат и храбро да застанат и да се борат за своите права и позиции.

За неа, како што истакна, високо поставена цел е женското претприемништво да стане мотор за креирање на економски раст, за креирање на вработливост и на средина во која достоинствено и економски зајакнато ќе се живее.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, смета дека жените во бизнисот и жените на лидерските позиции се конкурентна предност, но за да се постигне оваа додадена вредност, потребна е повеќеслојна системска поддршка, која, како што посочи, Владата ја реализира преку низа мерки и активности со цел да се искоренат сите родови стереотипи.

– Со неуспевањето да креираме еднакви шанс и, безбеден простор, системски решенија и поддршка кога таа е најпотребна, умира по еден сон. Јас сакам да ја видам сета светлост во очите на сите оние чиј сон ќе стане јаве. А знам дека сум во просторија која е полна со жени и мажи, кои го сакаат истото што и јас. На секој еден од нас, денеска, тука, задача ни е да бидеме гласници, за ова да стигне до сите. До руралната жена, до студентката која завршува со своите студии и размислува како може својата замисла да ја претвори во бизнис, до жената која се двоуми да го побара унапредувањето, а го заслужува, до средношколката која сонува големи соништа, да е сигурна дека може и има како тоа да ги оствари, порача Битиќи во воведниот дел од самитот.

Според министерот за економија Крешник Бектеши, пак, самиот факт дека компаниите во сопственост или управувани од жени ја зголемиле добивката и бројот на вработени во услови на пандемија е доказ дека има моќни и успешни жени кои знаат да водат бизнис и да постигнуваат извонредни резултати.

– Импресивен е податокот што во време на пандемија овие компании успеале не само да го задржат, туку и да го зголемат бројот на вработени. Овие 51 компании, заедно, во 2019 вработувале вкупно 596 лица, а во 2020 тој број на вработени се зголемил на 741. Сите овие 51 компанија остварувале добивка во анализираните три години, а дури 29 од нив (57 проценти) оствариле поголема добивка во пандемиската 2020 година во однос на 2019, посочи Бектеши.

Тој најави поддршка и во иднина, а, како што рече, се разгледува и можноста за формирање на фонд за женско претприемништво.

Поддршка за жените претприемачи најавува и новата градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, која и самата потекнува од овој сектор. Во првите 82 дена од мандатот најавува формирање на посебен Совет за женско претприемништво, кој треба на едно место да ги обедини сите засегнати страни. Жените во приватниот сектор, како што посочи, носат голем товар и одговорност, но имаат одлучност и секој треба да им помогне да ги реализираат своите идеи.

– Квалитетот на секоја жена треба да биде ценет врз основа на меритократија, да ѝ биде дозволено на секоја една жена која смета дека има доволно квалификации и знаење да може да обезбеди подобро утре за себе и за своето семејство и да го реализира она во што верува. За разлика од политиката која предвидува квоти, во приватниот сектор нема квоти. Во приватниот сектор, жените се борат за секое место, за секоја позиција. Во Европа просекот на жените на високи корпоративни позиции е околу 12 проценти, а кај нас оваа бројка за жал се намали од два на еден процент во последните две години. Тоа е факт кој што поразува, но, исто така, и да нѐ мотивира да продолжиме онаму каде застанавме, а тоа е да ги добиеме можностите кои ги заслужуваме, истакна Арсовска.

Од Европската унија порачуваат дека во модерните и просперитетни општества нема место за нееднаковост меѓу мажите и жените.

– Родовата еднаквост е едно од најзначајните човекови права. Претставува средство преку кое се овозможува праведно општество и економски раст. Жените претставуваат 51 проценти од вкупната европска популација, а сепак само 34 отсто се вработени. Само 15 проценти од старт-апите се започнати од жени, истакна заменик шефот на делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Џулијан Васало, кој ја истакна важноста од вклученоста на жените во економијата.

На годинешниот Прв годишен Самит на Националната платформа за женско претприемништво беа предвидени три награди за жени претприемачи, меѓутоа, поради фактот што во категоријата микро фирми, иако во претселекцијата биле излистани 10 фирми, од кои само три ги задоволувале целосно критериумите, ниту една не ја пополнила согласноста за информации, Платформата одлучила да не ја додели оваа награда.

Во категоријата мали фирми, според добиените податоци од Централниот регистар на Македонија, излистани биле 40 компаниии на чие чело се жени, но, само една ги задоволила критериумите во целост, станува збор за Семос едукација, чиј сопственик и директор е Валентина Тасева – 26 години успешен претприемач во оваа категорија.

Во категорија средни фирми наградата за „Жена претрпиемач на годината 2021″ замина во рацете на Ана Христова, сопственик и управител на Ленди Груп ДООЕЛ – изградба-надзор и проектирање.