Само од онлајн спортските обложувалници ќе придонесат повеќе од 500 милиони денари во државниот буџет за една година

66

По шест месеци онлајн спортско обложување, од денеска играчите повеќе не можат да ја користат оваа услуга. Државата не ја продолжи Уредбата со законска сила која ја донесе на 24 април годинава. Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) бара итно имплементирање на Уредбата во Законот за игри на среќа и забавните игри, за што до Владата и Министерството за финансии веќе достави предлог текст.

Според анализата на АСОМ, за половина година во државната каса влегле повеќе од 100 милиони денари само од онлајн услугата. Сега, велат од АСОМ, се кратат овие средства, а токму во период кога е потребна ревитализација на економијата, погодена од кризата со Ковид.

Дополнително, додаваат дека земајќи предвид дека играчите веќе почнаа да се префрлуваат онлајн, придобивките во буџетот на годишно ниво би биле и многу поголеми или според нивните проекции помеѓу 500 и 600 милиони денари.

АСОМ сметаат дека Владата требала да делува проактивно, односно да го озакони решението кое освен што има придобивки за индустријата и за вработените има и силен придонес во државната економија.

Од Асоцијацијата посочуваат дека тие се целосно отворени за соработка со институциите и оставаат простор да се најде решение. Но нагласуваат дека секој ден претставува загуба за индустријата, но и за државата која со прекин на оваа услуга отвора простор играчите да се вратат кон нелегалното обложување на странските сајтови, а парите наместо во државната каса да се одлеваат надвор од земјата.