Само со вистински идеи се решаваат проблемите на пазарот

107
Ен Парк, директор за стратегија и развој на CEED Global

Стремежот на секој успешен претприемач не треба да биде капиталот или недостигот од финансиски средства, туку заложбата преку вистинска идеја да се реши некој постоечки проблем на пазарот, смета Ен Парк, директор за стратегија и развој на CEED Global Club. Таа во интервјуто подолу зборува за претприемништвото во САД, на Балканот и во Македонија, за активностите на глобалниот клуб, за мрежата на претприемачите и за нивните бенефити од членството и за идните планови и активности.

БИ: Што претставува CEED Global club и кои се бенефитите што ги имаат претприемачите со членство во истиот?

По повеќегодишното искуство на CEED Global club може да се заклучи дека постојат претприемачи кои имаат бизнис развиен на глобално ниво, таков вид на производи и услуги и сакаат да го прошират нивното интернационално искуство, знаење и практики и затоа овој клуб е најсоодветен за нив. На овој вид на претприемачи им организираме патувања и средби во САД и Лондон оваа година, каде што ќе може да се запознаат со успешни претприемачи од нашата мрежа. Голем дел од претприемачите можат и самостојно да си организираат патувања и средби, но сметам дека доколку тоа се направи преку глобалниот клуб на CEED, тие ќе имаат прилика да запознаат успешни претприемачи кои доаѓаат од Мароко, Словенија, Бугарија, Романија… и на тој начин да воспостават соработка со претпримачи кои вообичаено не би можеле да ги сретнат и запознаат на друго место. На пример, ние ќе организираме средби и состаноци во најдобрите акселератори во Њујорк и доколку има заинтересирани бизнис ангели, тие може да зборуваат со други бизнис ангели и да научат како треба да се води еден успешен бизнис, за да стекнат искуство како правилно и соодветно да донесуваат одлуки. Некои од главните бенефити на членовите во глобалниот бизнис клуб е тоа што ќе може да им поставуваат специфични прашања на челници на големи мултинационални компании поврзани со развој на вештини за ширење на меѓународни пазари, маркетинг и продажба.

БИ: Од кои индустрии има најмногу претприемачи во вашиот бизнис клуб?

Во нашата мрежа има претприемачи од најразлични сектори, но најголем дел од нив се од ИТ секторот и дигиталниот маркетинг, па сметам дека поради природата на нивната работа имаат голема потреба од она што го нудиме ние. Ние во секое време сме подготвени за соработка со претприемачи од најразлични бизнис сектори и индустрии.

en

БИ: Дали може да направите споредба со состојбите во претприемништвото во светот и Балканот?

Во Соединетите Американски Држави постојат најразлични компании и бизниси, многу е тешко да се направи генерализација на претприемништвото. На пример, во Сан Франциско претприемачите се насочени кон висока технологија и во тој сегмент се поголемиот број на инвестиции и иновации. Инвеститорите ги таргетираат технолошките компании со голем потенцијал за раст. Од таа причина, овој сектор во тој дел од САД е исклучително развиен. Но, во Њујорк, на пример, главниот фокус на инвестициите е ставен на финансиските услуги, модата, медиумите и маркетингот, што се традиционално силни и успешни индустрии во тој дел од САД. Главната предност на претприемачите на Балканот е во тоа што тие се креативни, но можеби не се соочуваат со силна конкуренција. Доколку претприемачот доаѓа од помал пазар, тој мора да размислува и да развива меѓународни стратегии уште од почетокот, доколку сака да се развива и проширува. Иако тоа е предизвик, во исто време е и предност што треба да се искористи. Претприемачите во САД не се соочуваат со таков ризик бидејќи на располагање имаат многу поголем пазар.

БИ: Кои се предизвиците и проблемите со кои најчесто се соочуваат претприемачите во светот?

Сите претприемачи велат дека им се потребни пари за раст и развој, но CEED сака да им укаже на тоа дека парите не се потребни секогаш. Прво, секој претприемач треба да биде сигурен дека на пазарот ќе му понуди соодветен производ. Постојат огромни идеи што доаѓаат од претприемачи од Балканот, па така идеите не се голем проблем. Вистинските идеи се оние кои нудат решавање на одреден проблем, па доколку се наоѓате на пазар преполн со предизвици, тоа за претприемачите значи поголема можност. Според мене, капиталот никогаш не е проблем доколку сте убедени во тоа што го работите и верувате во вашиот успех. Можеби е подобро да немате пари, бидејќи кога сте во улога на претприемач поважно е направите стратегија како да дојдете до повеќе клиенти. Најголемиот предизвик на Балканот е брендот. Доколку има заинтересирани претприемачи кои сакаат да дојдат во САД, тие мора да го докажат она што го поседуваат, бидејќи доколку немаат некоја специфика што ќе им ја претставите на потенцијалните инвеститори, не може да очекуваат поддршка. На нив им е важна вашата идеја бидејќи тие не ја познаваат Македонија, па од таа причина потребно е добро осмислено и одлично организирано претставување. Една од карактеристиките на американските инвеститори е тоа што тие повеќе се заинтересирани за вложување во локални проекти. Доколку инвеститорот е од Сан Франциско, тој е најмногу заинтересиран за инвестиции во неговата близина. Доколку доаѓаат претприемачи од Македонија, тие мора да имаат силни аргументи за да може да се претстават пред странските инвеститори.

БИ: Во колку земји е активен CEED Global Club и дали има планови за проширување на мрежата?

Глобалниот клуб на CEED има цел да биде глобален, досега сме активни и присутни во 12 земи од светот и сме во постојана потрага по флексибилни и успешни претприемачи. Нашата цел е постојано да ја зголемуваме мрежата на претприемачи од целиот свет, па се надеваме дека оваа стратегија двојно ќе го зголеми бројот на земји во следните пет години. CEED Global Club таргетира претприемачи кои сакаат нивните бизнис идеи да се трансформираат во бизнис практики. Многу компании имаат потреба од специфични врски со потенцијалните клиенти и потрошувачи и сметам дека CEED може да им помогне на оние компании што веќе ги идентификувале потенцијалните соработници, односно може да го олесни процесот на поврзување. CEED нема да им помогне на претприемачите да ги пронајдат идните клиенти и партнери освен ако немаат идеја за тоа. Со нашата мрежа сакаме да им помогнеме на претприемачите да имаат полесен пристап до интересни луѓе, нови идеи и потенцијални клиенти.