Само во август компаниите во ТИРЗ оствариле извоз од речиси 300 милиони евра

15

Во првите осум месеци од годинава во компаниите во ТИРЗ се отворени над 1300 нови работни места со што продолжува трендот на раст на вработените од почетокот на годинава, покажува редовната анализа на ТИРЗ. Само во август во компаниите во зоните се отворени над 200 нови работни места со што вкупниот број на вработени порасна и достигна 15.328. Ова е за 8,5% повеќе споредено со истиот месец минатата година, односно за 16,5% повеќе во однос на август 2020 година.

Позитивниот тренд на раст од почетокот на годинава продолжува и во однос на извозот и увозот. Заклучно со август извозот од ТИРЗ порасна и надмина 2,3 милијарди евра, што е највисоко ниво во последниве четири години споредено со истиот период. Извозот од јануари до август е за 13% повисок во однос на истиот период во 2021 односно 70% повисок во однос на 2020 и 25% и 48% повисок споредено со 2019 односно 2018 година. Само во август компаниите во ТИРЗ оствариле извоз од речиси 300 милиони евра што е за 8% повеќе од август минатата година.

Од јануари до август 2022 година регистриран е увоз од 2,1 милијарди евра што е највисоко ниво споредено со истиот период во изминативе четири години. Ова е за 4% повеќе во однос првите осум месеци од 2021, односно за  70%  споредено со 2020, и за 22% и 62% повеќе споредено со 2019, односно 2018 година. Увозот кај компаниите во ТИРЗ во август е 283 милиони евра што е за 5% повисоко од истиот месец лани. Заклучно со август и нето извозот е 8,5%.

Во првите осум месеци од годинава во ТИРЗ се постигнати договори со вкупен обем од над 370 милиони евра од кои две се досега најголеми инвестиции со поединечни вложувања од над 100 милиони евра – германската фармацевтска компанија Гересхајмер вложува 126 млиони евра во нов капацитет и германскиот производител на електро-автомобили Е.го ќе вложи 130 милиони евра. Во тек се преговори со и со повеќе други потенцијални инвеститори, а во рамки на новиот концепт на работа на ТИРЗ, воведен минатата година.