Само жени ќе работат во нова индиска фабрика за електрични скутери

63

Индиска стартап компанија која произведува електрични скутери објави дека во нејзината најнова фабрика ќе работат само жени.

Фабриката „Ола Електрик“ во Тамил Наду во иднина ќе вработи 10.000 жени, објави ко-основачот на компанијата, Бхавиш Агарвал.

Првата група жени започна да работи во фабриката оваа недела, а производствениот капацитет се очекува целосно да се отвори на крајот од 2022 година.

Тоа ќе биде „најголемата фабрика само за жени во светот и единствениот производствен капацитет во светот во кој работат само жени“, рече Агарвал во блог пост.

Овој потег е дел од мерките што компанијата ги презема за да создаде поинклузивни работни места и да обезбеди повеќе економски можности за жените, рече Агарвал.

„За да може Индија да биде глобален производствен центар, треба да се фокусираме на надградба на вештини и генерирање вработување за нашите жени кои се дел од работната сила“, додаде тој, повикувајќи се на студија која покажува дека обезбедувањето еднаквост на жените во работната сила може да го зголеми БДП на Индија за 27%.

Кога фабриката „Ола Електрик“ ќе биде целосно завршена и подготвена за работа на крајот на следната година, се очекува да има капацитет да произведува 10 милиони електрични скутери годишно.

Индија објави рекорден пад на БДП од речиси 24% помеѓу април и јуни 2020 година, а невработеноста во земјата е особено висока поради забавувањето на економската активност во врска со пандемијата.

Минатата година, Индија влезе во прва рецесија по децении. Иако земјата се уште се бори со пандемијата, вакцините помагаат економијата да расте. БДП на Индија порасна за нешто повеќе од 20% во вториот квартал, пишува CNN Business.

„ОлаЕлектрик“ го лансираше својот скутер претходно летото.