Самодоверба – пријател на работното место

216

samodoverba

Фото: Pixabay

Од првиот контакт со работата, па се до кулминација на сопствената кариера, самодовербата е најголемиот двигател што може да го имаме. Не секогаш најкомпетентните луѓе се на вистинките високи позиции, но тоа што ги одвојува од останатите е вербата во самите себе и сопствените способности. Ставот кој го имаме за себе е ставот кој и соработниците го имаат кон нас. Уште пред да аплицираме за работното место потребно е да се запознаеме себеси и да бидеме свесни дека ќе не почитуваат толку колку што сами се почитуваме.

Самопочитувањето не може никој да Ви го земе без Ваша дозвола!

Елеонора Рузвелт

Вербата во себе и вреднувањето на сопствената личност е нешто што се гради врз основа на претходните искуства. Сите сме имале ситуации во кои сме биле победници и потребно е да ги запомниме истите, да си дадеме значајност на самите себе дека тоа е наш успех и да бидеме свесни за нашите квалитети. Не постои личност која не поседува квалитети, потребно е само да ги осознае и на таа база да гради уште повеќе. Тоа е клучот за успех и задоволство во секојдневните животни аспекти, па и во работата.

Самодовербата е состојба која се гради и во зависност од надворешни фактори. Може да биде на повисоко или пониско ниво. Среќата, задоволството и низата на успеси се знак дека работникот се вреднува самиот себе, но во моменти кога околностите не се “на наша страна” таквата состојба може да се промени. Ниската самодоверба се компензира со обвинувања кои луѓето ги насочуваат кон останатите, но всушност се обвинуваат самите себе поради инфериорност или неможност да се справат со непријатноста. Тоа може да доведе до намалување на задоволството и доживувањето среќа. Но, сепак ова се само вообичаени реакции кои се очекувани на работното место. Во ваков период корисно е да се потсетиме на нашите базични квалитети и да се вратиме на автентичното чувство на сакање самите себе кое ќе резултира и со почит кон останатите.

Самодовербата може да биде од голема корист, но може да биде и непријател на нашето работно место доколку не сме самокритични. Вреднување на сопствената личност и вреднување на сопствените способности  се карактеристики кои бараат и реална потврда за истото. Додека ја гледаме идеалната слика за себе потребно е да ја имаме на ум и реалната, со што би можеле да добиеме вистинска претстава за тоа кои сме и какви сме, но и какви можеме и сакаме да бидеме. На овој начин самодовербата ќе ни помогне да се почитуваме самите себе, а воедно да бидеме и самокритични кога тоа е потребно. Согледување на недостатоците е само потврда дека се познаваме себеси и можност истите да ги поправиме без да биде нарушен позитивниот став кој го имаме за сопствената личност.  Незнаењето на нашите недостатоци е неможност истите да се надминат.

Кога велам дека самодовербата е нешто што се учи и гради низ животот, мислам на искуствата кои придонеле да се чувствуваме добро во “сопствена кожа” поради успехот и признанието кои сме ги добиле. Во зависност од повеќе карактеристики меѓу кои и вредносниот систем, за повеќето луѓе различни ситуации различно влијаат на самодовербата. Тоа што за некој е задоволство, за друг не е итн.

Генерално гледано, на работното место самодовербата се разликува кај мажите и жените. Тоа што ја зголемува вербата во себе кај мажите е постигнувањето резултати, додека кај жените градењето добри меѓусебни односи со колегите. Насоченоста на мажите кон постигнување моќ, компетентност, ефикасност и акција ја зголемува нивната самодоверба. Вреднувањето на себе во работната средина кај жените, примарно е одредено од квалитетот на односите, поддршката, довербата и комуникацијата со колегите, но секако дека се битни и ефикасноста и резултатите.

Други генерални одредници кои можат да ја подобрат самодовербата се и добро изграден став и стил на вербална и невербална комуникација, флексибилност и креативност во поглед на реализација на целите, одредување приоритети и исполнување на истите во временската рамка итн. Едноставен и брз начин кој позитивно се рефлектира на расположението е надворешниот изглед. Задоволството од себе кое го гледаме во огледало е задоволство кое ќе го чувствуваме до крајот на денот, па така, доколку ни е потребно во текот на денот да оставиме добар впечаток за себе, воедно и да го подобриме нивото на самодоверба, потребно е да сме задоволни од сопствениот изглед.

За крај, свесни сме дека совршенството е недостижно, но вербата во себе со сите свои доблести и недостатоци, ќе ни помогне да уживаме во тоа што го имаме, да бидеме задоволни од самите себе и да постигнуваме дополнитенли успеси, бидејќи и другите ќе не сакаат и почитуваат толку колку што сами себе се сакаме и почитуваме.