Самоуправувачките автомобили ќе можат слободно да се движат низ улиците на Велика Британија веќе од јануари следната година, што е дел од пилот иницијативата на три британски градови.
Тамошната влада ги повика општинските власти да достават понуди за да бидат домаќини на истражувања што ќе траат од 18 до 36 месеци за што од државата ќе добијат 12,5 милиони долари, пренесува Associated Press.
Самоуправувачките автомобили, што се движат со помош на сензори и камери, веќе се тестирани во неколку земји од светот, меѓу кои се САД и Јапонија, а за брзо време ќе им се приклучи Шведска.
Винс Кејбл од британскиот економски секретаријат, претставувајќи ги плановите на тамошната влада, порача дека британските научници и инженери се “пионери“ во развојот на самоуправувачки автомобили.
“Повикот ќе значи дека самоуправувачките автомобили ќе се најдат на нашите улици за помалку од шест месеци, со што ќе бидеме во првите редови во однос на оваа технологија што отвора нови можности за нашата економија и општество“, рече Кејбл во седиштето на автомобилската истражувачка организација MIRA во Нунетаун во централна Велика Британија.
Но, неодамнешната анкета што ја спроведе автомобилската истражувачка организација покажа дека 43% од вкупно 23.000 испитаници се скептични за користење на овој вид технологија на патиштата.