
Линијата монитори за 2026 година го предводи пазарот во однос на перформансите, истовремено проширувајќи го пристапот до премиум иновации кај екраните
DisplayPort 2.1 носи перформанси со голем проток за напредни визуелни ефекти низ целата линија Odyssey G8
Компанијата Самсунг (“Samsung”) денес ја најави глобалната достапност на своите најнови Odyssey монитори за играње игри и линијата ViewFinity S8, поставувајќи нови стандарди за резолуција и перформанси во светот на гејмерските и професионалните екрани.

Предводена од трите модели Odyssey G8, вклучувајќи го и првиот 6K монитор во индустријата наменет за играње игри и надополнувањето со моделот Odyssey G7 кој ја носи OLED технологијата на “Samsung” до поширок круг корисници, линијата Odyssey за 2026 година ја зацврстува лидерската позиција на “Samsung” кај гејмерските екрани со високи перформанси, истовремено правејќи ги напредните иновации уште подостапни.
Ова лансирање доаѓа во период на континуирана доминација на “Samsung” на глобалниот пазар за гејмерски монитори, каде што компанијата држи 18,9% од вкупниот приход. Според податоците на “International Data Corporation“ (IDC), компанијата исто така ја зазема и лидерската позиција број 1 на пазарот за OLED гејмерски монитори по трета последователна година, со пазарен удел од 26%.

„Со лансирањето на најновите линии Odyssey и ViewFinity, продолжуваме да ги поместуваме границите на перформансите и визуелниот квалитет“, изјави Хун Ли (Hun Lee), Извршен потпретседател на одделот за визуелни дисплеи во “Samsung”. „Со линијата за 2026 година, ги испорачуваме нашите најнапредни технологии за екрани досега, истовремено проширувајќи го пристапот до нив, овозможувајќи им на повеќе корисници да ги искусат иновациите на “Samsung” во гејмерските и професионалните средини“.
Odyssey G8: Поставување нов стандард за гејминг со високи перформанси
Серијата Odyssey G8 воведува три најсовремени модели дизајнирани да обезбедат врвно гејмерско искуство во различни сценарија.

32-инчниот Odyssey G8 (модел G80HS) поставува нова пресвртница како прв 6K монитор во индустријата наменет за играње игри, правејќи значаен чекор напред надвор од стандардите за 4K гејминг. Резолуцијата од 6K нуди исклучителна визуелна јасност и деталност, засилувајќи го чувството на задлабоченост во играта, додека истовремено обезбедува проширен простор на екранот за играње и мултитаскинг. Овој модел испорачува ултра-висока 6K резолуција при 165Hz, додека функцијата Dual Mode овозможува брзина до 330Hz при 3K резолуција, што им овозможува на корисниците беспрекорно да балансираат помеѓу богатите визуелни детали и ултра-брзиот одговор.
27-инчниот Odyssey G8 (модел G80HF) нуди флексибилни опции за перформанси, поддржувајќи 5K резолуција на 180Hz или до 360Hz во QHD резолуција преку Dual Mode, што го прави идеален како за визуелно имерзивен, така и за компетитивен гејминг.
Odyssey OLED G8 (модел G80SH), е достапен во големини од 27 и 32 инчи и има OLED панел со 4K резолуција и стапка на освежување од 240Hz. Технологијата Glare Free значително го намалува отсјајот на светлината без да влијае врз квалитетот на OLED сликата. Опциите за поврзување, вклучувајќи го USB-C со полнење до 98W, поддржуваат конфигурации за играње игри со високи перформанси. Покрај тоа, Odyssey OLED G8 ја користи технологијата QD-OLED Penta Tandem, која значително ги подобрува ефикасноста, издржливоста и осветленоста. 32-инчниот Odyssey OLED G8 исто така го доби и сертификатот VESA DisplayHDR™ True Black 500, испорачувајќи ги длабоките црни нијанси и живите бои карактеристични за OLED технологијата.
Низ целата линија, приклучокот DisplayPort 2.1[1] осигурува перформанси со голем проток (high-bandwidth) за визуелни ефекти од следната генерација, додека технологиите AMD FreeSync Premium и NVIDIA G-Sync Compatible овозможуваат непречено играње игри без сецкање, кочење и други дисторзии на сликата. Дополнително, серијата Odyssey G8 го содржи и стандардот HDR10+ GAMING[2], кој динамично ги оптимизира осветленоста и контрастот во реално време.
Odyssey G7: Проширување на пристапот до OLED гејмингот
32-инчниот Odyssey OLED G7 (модел G73SH) ја проширува палетата на OLED монитори за играње игри на “Samsung”, носејќи ги премиум визуелните перформанси до поголем број корисници.
Овој модел располага со 4K резолуција и стапка на освежување од 165Hz, овозможувајќи детални визуелни прикази и глатко играње. Функцијата Dual Mode овозможува брзина до 330Hz во FHD резолуција, додека времето на одговор од 0,03ms поддржува брзи и прецизни перформанси во компетитивни гејмерски средини каде секоја милисекунда е важна.
Со додавањето на G7, “Samsung” продолжува да го проширува своето лидерство во OLED гејмингот, правејќи ги напредните технологии за екрани пошироко достапни.
ViewFinity S8: Екрани со висока резолуција за професионални работни процеси
Серијата ViewFinity S8 е дизајнирана да одговори на барањата на модерните професионални средини, комбинирајќи ја јасноста на високата резолуција со напредно поврзување и ергономска флексибилност. Без разлика дали станува збор за управување со комплексни креативни работни процеси или беспрекорен мултитаскинг помеѓу апликациите, овие монитори се конструирани да испорачаат софистицирано искуство со високи перформанси кое максимално ја зголемува продуктивноста.

40-инчниот ViewFinity S8 (модел S85TH) се одликува со закривен WUHD екран со стапка на освежување од 144Hz, што овозможува непречен мултитаскинг и ефикасно справување со сложени работни процеси. Приклучокот Thunderbolt 4 поддржува видео со висока резолуција и задачи кои бараат интензивен трансфер на податоци со брзина од 80 Gbps, како и полнење на уреди до 140W. Дополнително, функцијата Easy Connection овозможува поедноставно поврзување меѓу уредите.
27-инчниот ViewFinity S8 (модел S80HF) нуди 5K резолуција со USB-C поврзување за брз трансфер на податоци и полнење на уредите. Неговиот ергономски дизајн поддржува удобно долготрајно користење, а со оглед на тоа што е направен да испорача 5K резолуција во подостапен пакет, ги носи перформансите со висока резолуција до поширок круг професионални корисници.

Новата линија Odyssey G8, како и моделите Odyssey G7 и ViewFinity S8 се достапни за нарачка почнувајќи од денес. За повеќе информации, посетете ја страницата www.samsung.com.mk
[1] G80SH поддржува DisplayPort 2.1 UHBR20, испорачувајќи проток до 80Gbps за непречени и некомпресирани визуелни ефекти.
[2] Компатибилно со HDMI 2.1 кабли поврзани со HDMI портите на графичките процесори (GPU) на NVIDIA и Intel. За листата на поддржани графички процесори, ве молиме посетете ја соодветната страница. Функционалноста може да биде ограничена во зависност од спецификациите на компјутерот и стандардите на каблите. Оваа функција е компатибилна само со одредени наслови на игри.













