Samsung ја прави својата најголема инвестиција во САД

17

Samsung избра локација во близина на градот Тејлор во Тексас за својата нова фабрика за компјутерски чипови вредна 17 милијарди долари поради глобален недостиг на полупроводници.

Ова е најголемата инвестиција на јужнокорејскиот електронски гигант во САД, забележува Би-Би-Си. Се очекува фабриката да отвори 2.000 работни места во технолошката индустрија. Изградбата ќе започне на почетокот на следната година.

Samsung, како и неколку негови конкуренти, брза да го прошири производството на чипови во САД за да го реши недостигот од снабдување.

„Со поголем производствен капацитет, ќе можеме подобро да им служиме на потребите на нашите клиенти и да придонесеме за стабилноста на глобалниот синџир на снабдување со полупроводници“, рече Кинам Ким, извршен директор на Одделот за електронски уреди на Samsung.

Фабриката се очекува да биде оперативна во втората половина на 2024 година. Претставници на Белата куќа го поздравија проектот.

„Зголемувањето на домашното производство на полупроводнички чипови е клучно за нашата национална и економска безбедност“, изјави американскиот министер за трговија, Џина Рајмондо.

Гувернерот на Тексас, Грег Абот на Твитер напиша „Добредојдовте во Тексас, Samsung!“ Во соопштението од канцеларијата на гувернерот се вели дека компанијата ќе добие грант од 27 милиони американски долари за создавање работни места во државата.

Чиповите произведени во новиот објект ќе се користат во голем број технолошки области, вклучувајќи мобилни системи, 5G, компјутери со високи перформанси и вештачка интелигенција.