Samsung Electronics ја запира соработката со кинеската компанија Donngguan Shiniang Electronics, поради сомнение дека користи деца помлади од 16 години како работна сила, јавува Reuters.
Одлуката доаѓа една недела откако организацијата China labor watch забележа “најмалку пет деца работници помлади од 16 години“ без никаков договор.
Samsung, како најголем произведувач на паметни телефони, спроведе три ревизии на добавувачот, кој е во целосна сопственост на јужнокорејската компанија Sinyang Engeneering, од кои последната заврши на 25 јуни.
“Samsung донесе одлука привремено да ја прекине соработката со таа компанија бидејќи е утврдено дека е злоупотребен детски труд“, стои во соопштението на компанијата. Доколку истрагата покаже дека тие наводи се целосно точни, Samsung трајно ќе ја прекине соработката.
Политиката на човечки ресурси кај снабдувачите на Samsung е под мониторинг од 2012 година бидејќи организацијата China labor watch забележа дека седум деца помали од 16 години работат за една од компаниите добавувачи. Истата година, Samsung воспостави кодекс на однесување на добавувачите во согласност со стандардите од законите што владеат во земјата. Според кинеските закони, децата помлади од 16 години не смеат работно да се ангажираат.