Од Samsung вчера излезе прилично кратко соопштение, со неколку забележителни промени на менаџерските позиции, но зад тоа се крие далеку поголема реорганизација на ниво на целата компанија. Имено, Samsung реши да ги спои своите две големи дивизии – онаа за мобилни телефони и онаа задолжена за потрошувачка електроника и ИТ. Ова резултираше со нова „SET“ дивизија, на чие чело беше промовиран Јонг-Хи Хан, актуелниот директор на одделот за ТВ продукција, како извршен директор.
Во втората дивизија, Device Solutions, која произведува полупроводници, исто така доаѓа до смена. Отсега ќе биде предводена од Kејун Кјунг, актуелниот директор на Samsung Electro-Mechanics. Големата промена на врвот на корпоративната пирамида вклучува нови директори на неколку сектори, нов финансиски директор како и нови луѓе во раководството на американската филијала.
Аналитичарите веруваат дека зад овој потег се крие желбата на раководството на Samsung, првенствено влијателниот Џеј И. Ли и неговото семејство, да додадат оддели за остатокот од потрошувачката електроника во нивниот најголем оддел – оној за мобилни телефони – со надеж дека и тие ќе добијат значење. Ова, исто така, треба да доведе до подобра интеграција на сите други уреди во еден, поголем, екосистем на Samsung.
Во областа на полупроводниците основна задача е да се надмине кризата со снабдување и да се бори против растечката конкуренција, како TSMC. Samsung веќе се придвижи во таа насока неодамна, најавувајќи инвестиција од 17 милијарди долари во нова фабрика за чипови во Тексас.