Samsung најавува инвестиции од 206 милијарди долари во следните три години

69

Јужнокорејскиот гигант Samsung Group во вторникот објави дека ќе инвестира 240 трилиони вони (206 милијарди долари) во следните три години во проширување на бизнисот во биофармацевтски производи, вештачка интелигенција, полупроводници и роботика.

Компанијата очекува дека инвестициите ќе им помогнат да ја зајакнат глобалната позиција во клучните сектори како што е производството на чипови, а во исто време ќе бараат можности за раст во нови области, како што се телекомуникациите и роботиката од следната генерација.

Samsung Electronics, најголемиот светски производител на мемориски чипови, не даде детали за инвестицијата, велејќи само дека групацијата планира да ја консолидира својата водечка позиција на пазарот и во развојот на технологиите преку спојувања и превземања.

Тие не кажаа дали ги вклучуваат најавените инвестиции од 17 милијарди долари наводно планирани за изградба на нова фабрика во САД. Според документот доставен до службениците во Тексас, тие размислуваат за локација во округот Вилијамсон за фабрика за чипови што ќе отвори 1.800 работни места.

Сумата е 30 проценти повисока од претходната тригодишна стратегија објавена во 2018 година, и групата одлучи да ги зголеми инвестициите за да ја задржи својата позиција како технолошки лидер, особено во „кризни ситуации“ во матичната земја, Јужна Кореја и во странство.

„Индустријата за чипови е штит на корејската економија … Нашите агресивни инвестиции може да се протолкуваат како стратегија за опстанок бидејќи загубената конкурентност е речиси невозможно да се врати“, се вели во соопштението на Samsung Electronics.