Samsung создаде прототип на хигиенски безбеден тоалет според идејата на Бил Гејтс

45

Глобалниот предизвик „Reinvent the Toilet Challenge“ е активен од 2011 година, финансиран од хуманитарната фондација Бил и Мелинда Гејтс. Целта на проектот е да се создадат независни тоалетни единици кои ќе работат без приклучоци за вода и канализација, со минимални потреби за електрична енергија и ќе ги отстрануваат патогените од отпадната вода, ќе извлекуваат корисни состојки од неа и ќе го отстрануваат преостанатиот отпад во еколошки и медицински простор на прифатлив начин.

Безбедно согорување на измет

Фондацијата Гејтс веќе охрабрува голем број организации и нивните напори да ја реализираат таа визија, од кои најновата е малку неочекувана – одделот за истражување и развој на Samsung, Samsung Advanced Institute of Technology (SAIT). Тие работат на технолошки напредниот проект за тоалет од 2019 година, а минатиот месец прототипот му го претставија директно на Бил Гејтс. Прототипот, велат, е целосно функционален и безбеден и наменет за домашна употреба. На Гејтс му го претстави потпретседателот на компанијата, неодамна помилуваниот Џеј И. Ли.

Тоалетот на Samsung е енергетски ефикасен и доаѓа со напредни можности за отстранување на човечки измет и како таков ги исполнува целите поставени од фондацијата, како за употреба, така и за комерцијализација. Има вградени технологии за термичка обработка и биопроцесирање, кои ги убиваат патогените, така што тоа што ќе заврши во околината воопшто не би било штетно. Водата од системот исто така се рециклира. Цврстите делови од изметот се дехидрираат, сушат и согоруваат, додека течниот дел се третира преку процес на биолошко прочистување.

Samsung најавува дека патентираните технологии за овој тоалет ќе ги лиценцира бесплатно во земјите во развој. Во соработка со фондацијата Гејтс ќе работат на комерцијализација и масовно производство, пред се на изнаоѓање партнери за тој дел од работата.

Создавањето чист и безбеден тоалет систем како овој е од суштинско значење за речиси половина од населението во светот. Според УНИЦЕФ и Светската здравствена организација, 3,6 милијарди луѓе се принудени да користат хигиенски несоодветни тоалети. Секоја година, ова резултира со околу половина милион смртни случаи на деца под 5-годишна возраст во светот, поради разни дијареални заболувања предизвикани од лошите хигиенски услови.