Аналитичари: На Светскиот економски форум се влеа одреден оптимизам

62

Според аналитичарите, состанокот на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, Швајцарија, кој заврши вчера, влеал одреден оптимизам и покрај предизвикувачките услови. Според оценките на учесниците, изгледите за рецесија донекаде се намалени во последните недели, но предизвиците, предводени од војната во Украина, сè уште бараат целосно внимание.
Централни теми на форумот беа енергетската и прехранбената криза, високата инфлација со низок раст и високата задолженост на економиите, новите предизвици за индустријата, социјалната ранливост и геополитичките ризици.

Како што истакна Кристалина Георгиева, првата дама на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и покрај бројните предизвици, можно е да се почувствува мал оптимизам. „Условите се помалку лоши отколку што се плашевме пред неколку месеци“, рече таа.

Таа навести дека на крајот на месецот ММФ би можел да ја зголеми прогнозата за глобалниот економски раст за оваа година. Во исто време, таа предупреди на преголеми очекувања. „Помалку лошо не мора да значи добро“, нагласи таа.

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, исто така во четвртокот оцени дека „вестите станаа многу попозитивни во последните недели“. Реториката се промени од терминот „рецесија“ во „помал пад“. „Годината што претстои нема да биде блескава, но ќе биде многу подобра отколку што очекувавме“, додаде таа.

Учесниците на форумот не можеа да го избегнат прашањето за климатските промени. Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш оцени дека „битката е изгубена“ и дека секоја недела носи „нов климатски хорор“. Тој оцени дека речиси „експлодирала“ обврската да се ограничи глобалното зголемување на температурата на 1,5 Целзиусови степени над прединдустриското ниво и дека светот оди кон пораст на температурата за 2,8 степени.

Состанокот на СЕФ беше одбележан и со протести на активистите за климата. Шведската климатски активист Грета Тунберг ги обвини учесниците на форумот дека „практично најмногу придонеле за уништување на планетата“. Како што рече, апсурдно е да се слуша „елитата од Давос“ за решавање на климатската криза.