Рудник САСА, преку новоформираната Фондација за поддршка на одржливиот развој, ја потврди својата намера да продолжи годишно да вложува повеќе од 300.000 долари во различни области значајни за животот и просперитетот на луѓето и локалната заедница.
Ова беше соопштено на средбата на претставниците на менаџерскиот тим на САСА со британската амбасадорка Рејчел Галовеј, која по повод 15-годишнината од рестратирањето на рудникот, престојуваше во Македонска Каменица, каде се запозна со реализацијата на дел од досегашните и тековните општествено одговорни проекти, како и со плановите за идни вложувања на САСА во развојот на заедницата.
“За нас во САСА успехот е целосен само доколку се сподели со луѓето и со заедницата во која ние живееме и работиме. Затоа, благодарение на поддршката што ја добиваме од нашите сопственици – компанијата Централ Азија Металс од Лондон, како и соработката со институциите на централно и локално ниво и партнерите, како што е Британската Амбасада, ние и понатаму ќе продолжиме да работиме на натамошен одржлив развој на САСА, што ќе ни отвори нови можности за уште поголеми вложувања во проекти кои се значајни за просперитетот на луѓето и локалната заедница“, изјави директорот за одржлив развој на САСА, Ивица Талевски, заблагодарувајќи ѝ се на Амбасадата на Обединетото Кралство и на амбасадорката Галовеј, за искажаниот интерес и континуираната поддршка.
Во рамки на оваа посета, Амбасадорката на Обединетото Кралство помеѓу останатото се запозна со работата на Тренинг центарот за обука на САСА, како и со поддршката што ја дава компанијата за воведување на новиот концепт за дуално образование во рамки на општинското средно училиште и стипендиите што се доделуваат на студенти на универзитетот во Штип. Ваквата поддршка треба да ги зголеми перспективите за кариерен развој и вработување на младите.
Амбасадорката беше запознаена со вложувањата на САСА во сегментот на здравствената заштита и поддршката на социјално ранливите граѓани во заедницата, особено во периодот на пандемијата од Ковид-19, како и со најновиот проект за изградбата на паркот Младост во Македонска Каменица, во што се вложени над 100 илјади евра. Беше презентиран и планот за вложувања во хортикултурно уредување на новата зелена урбана зона во градот.
“Македонска Каменица е одличен пример за тоа дека кога постои вистинска визија, разбирање и соработка помеѓу деловните субјекти, институциите и граѓаните, тогаш може да се постигнат видливи резултати кои носат прогрес и подобар квалитет на животот во заедницата“, изјави амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј, упатувајќи честитки за тимот на САСА и на Централ Азија Металс за целокупната досегашна работа и плановите за идни вложувања во развојот на заедницата.