Саудиска Арабија е подготвена да продава нафта на Кина за јуани

94

Саудиска Арабија преговара со Кина да плати дел од продажбата на нафта во јуани, а не во долари.

Ова за The Wall Street Journal го коментираат анонимни извори запознаени со текот на разговорите.

Ваквиот договор ќе ја поткопа доминацијата на американскиот долар на глобалниот пазар на нафта, а истовремено ќе го засили префрлањето на фокусот на најголемиот извозник на нафта во Азија.

Идејата за склучување на нафтени договори во јуани постои веќе шест години, но преговорите се интензивираа оваа година бидејќи Саудијците стануваат сè понезадоволни од начинот на кој САД ги исполнуваат своите обврски за обезбедување на безбедноста на кралството.

Саудијците се најмногу огорчени од недостатокот на американска поддршка за нивната интервенција во граѓанската војна во Јемен и обидот на администрацијата на Бајден да постигне договор со Иран за неговата нуклеарна програма. Некои високи саудиски политичари минатата година коментираа дека се шокирани од наглото повлекување на САД од Авганистан.

Кина купува повеќе од 25 отсто од нафтата од Саудиска Арабија. Доколку се вреднуваат во јуани, овие продажби ќе ја подигнат вредноста на кинеската валута. Саудијците, исто така, размислуваат да вклучат фјучерси деноминирани во јуани во моделот на цени на државната нафтена компанија Saudi Arabian Oil Co., позната и како Saudi Aramco.

Досега Саудиска Арабија не продаде ниту мал дел од извозот на нафта, кој изнесува 6,2 милиони барели дневно, во валута различна од американскиот долар. Најголем дел од продажбата на нафта во светот (околу 80%) е во долари, а Саудијците тргуваат исклучиво во долари од 1974 година.

Потоа беше направен договор со администрацијата на американскиот претседател Ричард Никсон, кој вклучува гаранции за безбедноста на кралството.

Кина почна да користи договори за нафта во јуани во 2018 година, како дел од нејзините напори да ја направи својата валута конвертибилна ширум светот. За Пекинг, употребата на долари стана опасност, нагласена со американските санкции против Иран поради неговата нуклеарна програма и против Русија како одговор на инвазијата на Украина.