СБ: Македонија создава работни места, но ниско продуктивни

12

The-World-BankВо новиот извештај на Светска банка Назад на работа: Раст со работни места во Европа и централна Азија, се вели дека и покрај намалување на невработеноста со солидниот раст и фискални перформанси во последната деценија, нејзиното ниво во Македонија се уште останува високо, околу 30%.

Според извештајот, освен високата невработеност и учеството во работната сила и понатаму е многу пониско од нивото на ЕУ, особено кај жените со 50%.

“Меѓу оние што работат, платите и продуктивноста се ниски. Македонија успеа да создава работни места и додека другите земји во регионот ги губеа, меѓутоа, повеќето од овие нови работни места се или ниско продуктивни или фискално скапи. Така 27,1% од нето отворените работни места од 2007 година се во земјоделството, 13% во трговијата на мало, а 19,7% во јавниот сектор. Истовремено, и покрај високата невработеност, на фирмите често им е тешко да вработат работници со вистинските вештини, укажувајќи на потребата да се зголеми релевантноста на образовните резултати во однос на потребите на пазарот на труд”, укажува СБ.

Понатаму во извештајот се посочува дека Македонија веќе има спроведено важни реформи на пазарот на трудот, како што се намалувањето на ограничувањата на договорите на одредено време, намалувањето на персоналниот данок од доход и на социјалните придонеси и одделувањето на здравственото осигурување од пријавувањето на невработените. Просечното ниво на образование продолжи постојано да се зголемува и уделот на возрасни лица (на возраст од 15 до 64 години) со завршено средно или повисоко образование, во периодот помеѓу 2007 и 2011 година порасна од 45% на 49%. Сите овие промени, според Светска банка, се очекува да имаат позитивно влијание врз нивото на вработеноста.

Татијана Проскурјакова, директор на канцеларијата на СБ во Македонија, наведува дека Банката тесно соработува со Владата на Македонија на справувањето со прашањето на невработеноста и оти заедно се работи на анализа со која ќе се обезбедат информации за новата стратегија за вработување.

“Светска банка планира и да го финансира проектот за вештини и иновации, кој ќе и помогне на Владата да го реформира финансирањето на високото образование и да го зајакне механизмот за обезбедување квалитетот, како и да ја подобри релевантноста на техничкото стручно образование и обука”, истакнува таа.