Македонија оваа година ќе забележи раст од 3%, додека следната година ќе биде 3,5%, се нотира во редовниот извештај на Светска банка (СБ) за југоисточна Европа, но за да се одржи економскиот раст на долг рок потребно е да се зајакнат структурните реформи.
Растот на македонската економија, во споредба со оној на земјите од регионот, е доста силен, смета Доерти Доемеланд, економист од канцеларијата на СБ во нашата земја.
“За во иднина проектираме доста силен раст во 2014 година, меѓутоа зајакнувањето на структурните реформи би било важно за да се одржи долгорочниот раст. Структурните реформи може да бидат поврзани со зајакнување на извозниот сектор бидејќи ова ќе биде клучниот двигател на растот во иднина“, рече Доемеланд.
Неопходно е да се зајакнат врските меѓу извозниот сектор и домашната економија.
“Фирмите имаат потешкотии да најдат луѓе со соодветни вештини на пазарот на трудот. Овој недостаток би требало да се ублажи за да се одржи растот“, додаде Доемеланд.
Извештајот на СБ за регионот на ЈИЕ предвидува раст од 1,9% оваа година и годинава и 2,6% следната година.