
Биометриските проверки за граѓаните на земјите надвор од Европската Унија предизвикаа доцнења од неколку часа и пропуштени летови, а аеродромите предупредуваат дека во текот на летната сезона ситуацијата би можела да стане уште полоша.
Новиот дигитален граничен систем на Европската Унија, попознат како EES (Систем за влез/излез), предизвика целосен колапс и неколкучасовни доцнења на аеродромите низ Европа.
Марко Тронконе, директор на Аеродромите ди Рома, кои управуваат со аеродромите Фјумичино и Чампино во Рим, предупреди дека привременото суспендирање на биометрискиот систем за граѓаните на земјите надвор од Европската Унија е единствениот начин да се избегне летниот хаос.
Новиот систем бара од граѓаните на земјите надвор од ЕУ, вклучувајќи ја и Македонија, да остават отпечатоци од прсти и фотографија од своето лице при прв влез во Унијата. Иако EES требаше да ги забрза граничните контроли, технологијата не успеа, што веќе доведе до долги редици и пропуштени летови.
– Многу сме загрижени за летото. На скала од еден до десет, мојата загриженост во моментов е осум или девет. Овој процес се покажа како апсолутно некомпатибилен со огромниот број патници со кои ќе имаме работа. Единствениот начин е да се „отвори вентилот“. Нема шанси да постигнеме 100% запишување на патниците во системот – рече Тронконе за Фајненшл тајмс.
Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) издаде драматично предупредување во кое се наведува дека во шпиц периодите веќе се евидентирани времиња на чекање до три и пол часа, додека редовите на одредени аеродроми би можеле да достигнат шест часа во текот на летото.
Дополнителен проблем е фактот што патниците кои веќе еднаш поминале низ системот EES и треба побрзо да поминат низ граничната контрола, честопати се принудени повторно да поминат низ истите биометриски проверки поради технички грешки.
Критиките кон Европската комисија доаѓаат од сите страни. Стефан Шулте, претседател на Европската асоцијација на аеродроми (ACI Europe), рече дека владите на поединечните земји мора да преземат одговорност и да одлучат за привремено суспендирање на системот. Европската комисија одговори дека системот има „вградена флексибилност“, што овозможува привремено исклучување на одредени функции во кризни ситуации. Француската полиција веќе беше принудена привремено да ги суспендира овие проверки во пристаништето Довер, додека Грција се откажа од своето претходно ветување да ги ослободи одредени патници од биометриски проверки, пренесува Klix.ba.











