Се договараат нови летови и инвестиции во туризмот и инфраструктурата со ОАЕ

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, кој со владина делегација е во посета на Обединетите Арапски Емирати, објави дека се договараат летови со Ер Арабија.

Николоски вели дека туризмот, инфраструктурата и образованието се секторите на соработка на кои се фокусираат.

-Имаме бројни средби ќе потпишеме неколку договори за економска соработка. Зборуваме и за директно спојување, веќе имаме договор со Флај Дубаи за лет Дубаи – Скопје кој наскоро треба да започне, а зборуваме и со Ер Арабија за отворање на најмалку два лета од кој еден се надевам дека ќе биде кон охридскиот регион со што дополнително би се развил туризмот – изјави Николоски.

– Зборуваме за можностите за инвестиции во Македонија во делот на инфрструктурата, туризмот, во делот на земјоделието. Зборуваме за големите можности што ги носи туризмот во Македонија и планинскиот и езерскиот. Исто така за коридорите 8 и 10 кои се значајни за поврзување за цела Европа, не само за Македонија, ги презентираме пред стопанските комори во Обединетите Арапски Емирати како начин да привлечеме инвеститори во Македонија. Исто така и политичкиот дел на посетата е исклучително значаен, имавме ислучително добра средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, во текот на утрешениот ден ќе имаме средба со премиерот, а денеска на ниво на министри ќе бидат потпишани неколку значајни договори за економска, образовна и туристичка соработка, што ќе  придонесе за уште побрз развој – рече Николоски.

Со овие средби,  вицепремиерот, се надева дека ќе се привлечат инвеститори во Македонија, ќе се отворат нови добро платени работни места и државата може да напредува.