
Просечна потрошувачка кошничка е готова, се финализираат уште некои работи. Во неа сигурно нема да има цигари и алкохол и сезонско овошје кое не е карактеристично за периодот од годината, ќе биде квалитетно направена со квалитети податоци, рече заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески во гостување на Топ тема на ТВ Телма.
Според Ристески, кошницата нема да биде за политиканство, туку за понатамошните политики за заштита на животниот стандард на граѓаните.
– Во нејзината изработка беа вклучени министерствата за економија и труд, за земјоделство, за финансии, Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренција со цел да добиеме поквалитетна просечна синдикална кошничка. Просечната синдикална кошница нема да биде ниту за политика и политикантсво, ниту за јавното мнение кај граѓаните односно како да кажам одредени грешни параметри кои би се кажувале во јавноста, но нам ни треба како Министерство за економија и труд за понатамошните политики кои би ги правеле во однос на заштита на животниот стандард на граѓаните. Не ја пресметуваме за четиричлено македонско просечно семејство, според Државниот завод за статистика е 3.06 или 3.08, тричлено семејство и земени се податоци за основни прехранбени земјоделски производи и сè што е потребно и вклучено во одржување на животноот стандард на граѓаните и реално пресметување на тие реални потреби кои произлегуават во секојдневното живеење – рече Ристески.
Тој информираше дека во формулата за кошницата земени се модалитетите од Државниот завод за статистика и Државниот пазарен инспекторат од повеќе маркети во државава со највисоки, средни и најниски цени, а ќе бидат земени цени и од зелените пазари и локални маркети во регионите. Наспроти тоа, според него, синдикатите ја пресметувале минималната синдикална кошница само од цени на еден маркет, а последната кошничка не ја објавиле „не како што образложиле поради актуелната ситуација со трагедијата во Кочани, туку поради многу подруги причини“.
– Од она што го имаме како информација, неформална, сигурно е над 1.000 денари намалувањето, можеби и повеќе 1.500, 1.600 денари. Не можам да кажам, 1.500, 1.600 денари за некој е многу, за некој малку, но ние не се базираме на нивната синдикална кошница. Тие и понатака нека си ја прават, не е релевантен фактор таа, тие се синдикално движење, нивната цел е да прикажуваат повисока кошница со цел да ја оправдаат борбата и политиката. Тоа е легитимно право, нашата ќе биде реална – рече Ристески.
Тој оцени и дека има ефект од антикризните мерки што завршуваат на крајот на месецов и истакна дека е намалена инфлацијата, направени се законски измени во делот на прекршочната постапка со кои Државниот пазарен инспекторат изрекол 500 до 600 казни. Посочи и дека се применува Законот за забрана на нефер трговски практики.