Се формира балон – ЕЦБ предупреди дека пазарот на недвижности е преценет

297

Европската централна банка (ЕЦБ) предупреди дека финансискиот пазар и пазарот на недвижности се преценети.

Како што соопшти, до ваквата состојба дојде пред сè поради брзото економско закрепнување, ниските каматни стапки и големите пакети помош кои беа дистрибуирани за време на пандемијата.

Во својот полугодишен Извештај за стабилноста, оваа институција како еден од најголемите ризици за ЕУ, ги истакна ранливоста на финансискиот и пазарот на недвижнини, но и растот на корпоративниот и државниот долг како и сите ризични однесувања на компаниите. пренесува Инвеститорот. Ваквото ризично однесување, меѓу другото, се рефлектира и во ризичните инвестиции, особено во егзотичните, кои подлежат на послаба регулација.

Она што ЕЦБ може да го направи за донекаде да го ублажи развојот на оваа ситуација е да ги намали пакетите за помош. Затоа уште во септември најави дека ќе купува помалку обврзници.

Во меѓувреме, инфлацијата во еврозоната продолжи да расте, од 3,4 отсто во септември на 4,1 отсто во октомври. Сепак, Европската централна банка е на став дека ова поскапување е само привремено и ќе забави во следната година. Од друга страна, некои учесници на пазарот сметаат дека ЕЦБ ги потценува инфлаторните притисоци и ќе мора да ги приспособи своите проценки.