Во тек е изградбата на првиот воздушен „хаб“ во светот за летачки електрични автомобили, полициски дронови и беспилотни летала за испорака.
Објектот, познат како Air One, се гради во Ковентри преку јавно-приватно партнерство во кое е вклучен јужнокорејскиот производител на автомобили Hyundai, објави „Дејли мејл“.
Поддржувачите на мини-аеродромот, познат како „скајпорт“, велат дека ваквите инфраструктурни проекти ќе прифатат електрични вертикални авиони за полетување и слетување (eVTOL), воздушни такси и беспилотни летала за автономна испорака што ќе превезуваат луѓе и стоки низ градовите во наредните години.
Полицијата на Вест Мидлендс, исто така, разговара со Urban-Air Port Limited (UAP), компанија која стои зад проектот поддржан од владата, за тоа како таквите центри би можеле да обезбедат бази за беспилотни летала што се користат за „заштита на небото“ во иднина.
Од UAP посочуваат дека изградбата на објектот ќе биде финализирана за настан, со кој ќе се стави старт на индустријата и кој ќе се одржи од 25 до 27 април, а веднаш потоа се планирани јавни демонстрации. Полицијата ќе ги демонстрира и своите операции со беспилотни летала.
Првично планирано да биде изграден веднаш до Coventry Building Society Arena, скајпортот сега е на напуштен паркинг во близина на Central Six Retail Park и градската железничка станица. Градскиот советник Џим О’Бојл рече дека почетокот на изградбата ја покажува водечката улога на градот во иновациите во транспортот.
„Ние сме едвај на почетокот на зелената индустриска револуција која може да ја зголеми продуктивноста на градовите во Британија и да помогне во напорите за справување со климатските промени со отстранување на возилата од патот“, рече О’Бојл.
Завршената локација ќе опфати челична рамка во облик на купола со дијаметар од 46 метри. Во центарот на куполата ќе има лифт со платформа што им овозможува на товарните беспилотни летала да полетуваат и слетуваат – првично за демонстративни цели.
Основачот и извршен директор на UAP, Рики Санду, рече дека е „возбуден“ од почетокот на изградбата, опишувајќи го како „уникатен и трансформативен момент“ што ја прави Британија „водечки играч во светот на воздушната мобилност“.
„Нашата технологија ќе им овозможи на Ковентри и другите градови во земјата и светот да се декарбонизираат, овозможувајќи побезбедно движење кон почисти решенија за мобилност“, додаде тој.
Планирано е да се изградат до 200 вакви центри во градовите низ светот во рок од пет години по докажувањето на концептот. Минатата година проектот доби владин грант од 1,4 милиони евра.