Се гради првиот шумски град во светот, во место најпогодено од смог

35

„Првиот шумски град во светот“ со години се гради во кинескиот град Лиужоу. Миланскиот архитект Стефано Боери работи на овој проект со својот тим, кој исто така развива зелени проекти низ светот со цел да го промени изгледот и перцепцијата на градскиот живот. Лиужоу е еден од градовите во светот најмногу погодени од смог, па затоа е избран за овој проект.

Градот ќе биде целосно одржлив и ќе користи обновливи извори на енергија, а ќе се простира на неверојатни 432 хектари густа шума покрај реката Лиуџианг, во северниот дел на Лиужоу. Самиот град ќе има се што има еден модерен, урбан град – комерцијални зони, станбени области, рекреативни области, болница и две училишта. Ќе биде поврзан со Лиужоу со брза железница.

Според Euro News, планот е по завршувањето на изградбата во овој град да се населат околу 30.000 луѓе, а да има 40.000 видови дрвја и еден милион растенија кои заедно можат да апсорбираат дури 10.000 тони јаглерод диоксид. Идејата е да се помогне за подобрување на квалитетот на воздухот.

Бидејќи проектот сè уште е во изградба, на официјалната веб-страница на архитектот се достапни само нацрти, но по другите шумски населби што ги направи овој тим, можеме само да замислиме колку магично ќе изгледа првиот шумски град во светот.

Италијанскиот архитект веќе го изгради градскиот комплекс Easyhome Huanggang Vertical Forest, кој се простира на 4,54 хектари и вклучува две станбени и три комерцијални кули. Дом на повеќе од 1,2 милиони луѓе, Хуанганг се наоѓа во провинцијата Хубеи, околу 70 километри источно од Вухан.