Се огласи руската гувернерка: „Не можеме бесконечно да се потпираме на резервите“

187

Руската економија не може бесконечно да се потпира на своите финансиски резерви и ќе мора да се трансформира за да се справи со ефектите од меѓународните санкции.

Ова го изјави гувернерката на Централната банка на Русија, Елвира Набиулина.

Во најважниот говор откако Русија ги испрати своите сили во Украина на 24 февруари, Набиулина рече дека ќе бидат потребни две години, до 2024 година, за инфлацијата да се врати на целта од 4,0 отсто, пренесува Ројтерс.

„Периодот во кој економијата може да живее од резерви е ограничен. Во вториот и третиот квартал ќе влеземе во период на структурна трансформација и потрага по нови деловни модели“, рече таа.

Вели дека санкциите главно се одразиле на финансискиот пазар, а сега се повеќе ќе почнат да влијаат и на економијата.

„Главните проблеми ќе бидат ограничувањето на увозот и надворешната трговска логистика, а во иднина ограничувањето на извозот“, рече Набиулина, додавајќи дека руските компании ќе мора да се прилагодат.

Според неа, „руските производители ќе мора да бараат нови партнери, логистика или да се префрлат на производство на стоки од претходната генерација“.

Таа наведе неколку мерки кои ќе и помогнат на стопанството да се прилагоди. Централната банка, посочи таа, размислува за пофлексибилна продажба на девизни приходи од извозниците, а исто така го тестира издавањето на дигитална рубља за да им овозможи на Русите да вршат трансакции помеѓу дигиталните паричници.

Фото: Facebook