Сè помали се шансите дека Маск ќе го преземе Твитер

67

Илон Маск се оддалечува од преземањето на Твитер, изјавија три лица запознаени со ова прашање за Вашингтон пост.
Тимот на Маск заклучи, имено, дека бројките на Твитер за спам сметките не може да се проверат.

Затоа, наводно, престанале да разговараат за финансирањето на договорот од 44 милијарди долари. Луѓето кои зборуваа за овие наводи тоа го направија во тајност поради чувствителноста на целата ситуација.

Разговорите со инвеститорите се „заладија“ во последниве недели, бидејќи тимот на Маск изрази сомнеж за неодамнешните податоци што им ги достави Твитер, пишува „Вашингтон пост“.

Тимот на Маск се сомнева во веродостојноста на бројките кога станува збор за лажни налози. После тоа се очекува да бидат преземени подрастични мерки, посочува упатениот извор.

Доколку Маск се откаже од претходно постигнатиот договор, тоа може да предизвика сериозна правна битка.

Условите на договорот велат дека Маск мора да плати 1 милијарда долари за да го раскине договорот, но правните експерти велат дека Твитер би можел да се обиде да го принуди Маск да купи доколку неговата причина за отказ не се заснова на основната дејност на компанијата.