Се распишува нов оглас за отварање на електронски продавници

50

На вчерашната конференција во Битола посветена на развој на мали и средни претпријатија, министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски најави дека во текот на следната недела ќе биде распишан нов оглас за отворање на електронски продавници.

“На првиот конкурс за електронски продавници за 50 места имаше 32 бизнис пријави и лично сметам дека може подобро затоа што свеста во Република Македонија за електронска продавница е неизградена, владее страв, чувство дека таму има корупција, криминал и злоупотреби на податоците. Но, тоа не е точно ниту логично. Ги охрабрувам сите да се пријават на огласот што наредната недела ќе го објавиме за 50 компании за отворање веб-продавници и своите производи да ги пласираат низ цел свет”, изјави Ивановски.

Според статистичките податоци во Република Македонија 99% од регистрираните компании се мали и средни претпријатија. Од нив 11% се наоѓаат во пелагонискиот регион, како втор во државата.

“Посетивме 20 општини и остваривме средби со повеќе од 200 компании од каде добивме 190 нови предлози во функција на проектот регулаторна гилотина, а 40 од нив се активни мерки како составен дел од програмата за работа на Владата на Република Македонија. Нашата цел е да ги поедноставиме сите процедури и да им дадеме предност на малите и средни претпријатија”, изјави Ивановски.

На конференцијата беше истакнато дека проектот на УСАИД, Бизнис без граници, го привлече вниманието на јавниот, приватниот, граѓанскиот и академскиот сектор и повеќе од 200 компании кои започнуваат или го развиваат својот бизнис се вклучени во проектот.

“Сите можеме да се согласиме дека малите и средни претпријатија се р‘бетот на силна домашна економија, придонесувајќи значајно кон креирање работни места и генерирање приход”, истакна заменик шефот на мисијата на САД во Република Македонија Брајан Агелер.