Се создава најголемата фабрика за чипови во светот

43

Во сè пожестоката конкуренција меѓу САД и Кина во производството на чипови, Јужна Кореја ќе инвестира над 400 милијарди евра во сопствен развој на индустријата за полупроводници. Ќе се создаде производствен парк на 21.000 хектари.
На југот на главниот град Сеул треба да се изгради комплекс погони за производство на чипови, кој ќе биде најголем во светот. Секако тука главниот збор го имаат  Samsung Electronics и SK Hynix, но во инвестицијата ќе учествува и државата, која до 2047 година ќе порасне на 622 трилиони корејски вони (околу 428 милијарди евра).

Предвидени се даночни олеснувања за инвестициите, како и поддршка за зголемување на конкурентноста на светскиот пазар. Тука е и прашањето за самодоволноста на Јужна Кореја во снабдувањето со чипови, која треба да се зголеми од 30 на 50 отсто до 2030 година.

Како што најави јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол, таа мега-фабрика треба да отвори вкупно околу 3,5 милиони работни места. За да се достигне целта во производството на чипови, ќе биде потребно проширување на капацитетите на атомските централи за производството да има доволно електрична енергија, пренесува Дојче веле.

Планираната фабрика во Јужна Кореја ќе вклучува различни индустриски зони во провинцијата Ѓеонгги со вкупна површина од 21 илјади хектари – односно околу 30 илјади фудбалски игралишта.

Веќе има 19 производствени погони, а до 2047 година ќе има уште 16. До 2027 година треба да започнат со работа три погони и два истражувачки центри.