
Данската компанија Arla Foods планира да се спои со германскиот конкурент DMK Group за да ја создаде најголемата европска млечна задруга во сопственост на повеќе од 12.000 сточари, објавија двете компании во заедничка изјава, пренесува Reuters.
Задругата ќе го носи името Арла, а на чело на компанијата ќе остане Педер Туборг, актуелниот извршен директор, чие седиште и понатаму ќе биде во Данска.
Годишен приход од 19 милијарди евра
Arla Foods е една од најголемите светски млечни компании, а воедно и водечки производител на млечни производи во Скандинавија. Основана е во 2000 година со спојување на данските и шведските млечни задруги, а денес е меѓународна соработка со сточари од повеќе европски земји.
Заедничката задруга ќе има проценет годишен приход од 19 милијарди евра, додаваат компаниите.
– Ова спојување е природно продолжување на нашата силна соработка во корист на потрошувачите, нашите сточари и нивните цени на млекото – рече Туборг.
Се чекаат регулаторни одобренија
Новиот ентитет ќе биде посилен и поотпорен наспроти очекуваниот пад на вкупните количини на европско млеко, преку поразновидно портфолио на производи и позиција на пазарот, велат тие.
– Преку глобалниот досег на Arla, можеме да пристапиме до потрошувачите и клиентите надвор од нашиот сегашен географски дофат, како и да ја зајакнеме нашата деловна еластичност – рече извршниот директор на DMK Group, Инго Милер.
Договорот за спојување е предмет на одобрување од одборите на претставници на двете компании, кои ќе го изгласаат во јуни оваа година. Исто така, неопходно е да се добијат регулаторни одобренија, кои се очекува да бидат донесени до крајот на 2025 година.