Се укинува роамингот во ЕУ за земјите од Западен Балкан

193

Роамингот за Западен Балкан (Хрватска, Србија, БиХ, Македонија…) наскоро ќе биде укинат.

Имено, договорот за роаминг, според кој граѓаните на земјите од Западен Балкан, ќе ги плаќаат цените на разговорите и користењето на мобилниот интернет во ЕУ како во нивните земји, ќе стапи на сила оваа година, тврди хрватскиот парламентарец Бојан Главашевиќ.

Главашевиќ, кој оваа информација ја објави на Твитер, тврди дека договорот е блиску до реализација.

„Во Собранието се одржа комисија за европски прашања на која државниот секретар Андреја Метелко Згомбиќ рече дека главниот договор е веќе потпишан, но треба да се потпишат уште неколку помали договори.На прашањето кога треба да се спроведе, т.е. стапи во сила, рече таа – оваа година“, изјави Главашевиќ за хрватските медиуми, додавајќи дека политичката волја за таков договор постои подолго време.

Според Главашевиќ, договорот треба да ги опфати сите земји од Западен Балкан (Србија, Македонија, БиХ…) кои на каков било начин се вклучени во процесот на пристапување во Европската унија.

Тоа е дел од пошироката идеја за процесот на пристап. На ова се работеше додека Хрватска претседаваше со Европската Унија.

„Идејата беше да се создаде модифициран пристапен процес, односно кога земјите ќе исполнат одредени критериуми, нивните граѓани веќе можат да уживаат некои бенефиции уште пред да влезат во Унијата“, рече Главашевиќ.

На прашањето кои цени ќе ги опфати договорот, односно дали ги опфаќа и телефонските разговори и интернетот, Главашевиќ одговори потврдно.

„Но, ќе има и заштитна клаузула, која ќе спречи, на пример, некој од Хрватска да земе претплата во Србија и да плаќа по пониски, дампинг цени“, изјави Главашевиќ за хрватскиот портал Индекс.