Се затвора авиолинија Софија-Скопје?

83

Бугарската авиокомпанија Gullivair од 21 мај ја прекинува продажбата на билети за летот Софија-Скопје, објави специјализираниот портал за авиони „ Ex Yu Aviation“.

Сè уште не е јасно дали летовите ќе бидат трајно откажани, бидејќи нема објаснување од бугарската авиокомпанија која ја прекина и продажбата на билети за Тирана.

Релацијата Софија-Скопје ја одржуваше со турбопропектор АТР 72-600 со капацитет од 65 седишта. Летовите беа во понеделник и сабота. Цени – од 65 до 150 евра за повратно патување.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, коментирајќи ги информациите дека авиокомпанијата Gullivair ја прекинува продажбата на билети за авиолинијата Софија-Скопје, рече дека според неговите информации, прекинот најверојатно е поради преговорите на компанијата со бугарската Влада околу субвенционирањето на оваа авиолинија.

– Кога го разгледувавме ова прашање, разговаравме две опции. Првата опција беше да биде целосно комерцијална, односно дали ќе има интерес од страна на патниците, а втората опција – да биде субвенционирана од страна на владите при што Република Бугарија ја презеде обврската за субвенционирање. Мислам дека првата фаза беше обид да се види комерцијалната рентабилност. Според моите информации, мислам дека ова запирање е процес на преговори меѓу компанијата и Владата дали ќе има поддршка или не, изјави Османи.