Seavus го презеде едукативниот ИТ центар Александрија

46

sivusИТ и софтверска компанија Seavus објави дека ја презеде Александрија, најстариот домашен специјализиран центар за едукација и дообразба во ИТ секторот. Со ова групацијата Seavus, во чиј состав е и Seavus едукативниот и развоен центар (SEDC), ја зазеде лидерската позиција на македонскиот пазар за ИТ едукација, а се најавува и пробив на странски пазари.

Согласно договорот, SEDC во целост го презема портфолиото, кадрите и програмите на Александрија.
SEDC е присутен на пазарот повеќе од три години и веќе се разви во препознатлив креатор на најсовремени програми и иновативна методологија за едукација на кадри барани од ИТ индустријата, додека Александрија веќе 20 години развива генерации инженери преку специјализирани курсеви и обуки од областа на информатиката и мрежните технологии.
Двете компании на оваа голема промена гледаат како на здрав чекор кон натамошниот напредок на македонскиот ИТ пазар кој ќе помогне во креирање и одржување на стандарди и кадри на светско ниво.
Планот за реализација на преземањето опфаќа и амбициозна стратегија за долгорочен раст и развој, при што се најавува проширување на досегашниот пакет курсеви и специјализирани академии, нови методологии на изучување, досега неприменувани на македонскиот пазар.
Компаниите најавуваат дека за почеток ќе се концентрираат на домашниот пазар, при што истакнуваат дека 50% од капацитетите за наредната студиска година веќе им се пополнети. За во иднина не кријат дека имаат желба и планови да настапат и надвор од државата, за што ќе им послужат неколкуте канцеларии и претставништва на Seavus ширум светот.