Седум најмоќни “оружја” на добриот трговец

28

plan

Фото: Pixabay

Трговците користат секакви “алатки” за да го привлечат нашето внимание кон нивните производи – брошури, банери, промотивни спотови и што ли уште не. Но, сето тоа е залудно, доколку продавачот не поседува интелектуални и емоционални “оружја” кои ќе му гарантираат вистински успех меѓу клиентите, смета маркетинг и бизнис експертот Џефри Џејмс. Џејмс за Inc.com пишува дека за да бидете добар трговец, треба да поседувате или да развиете седум основни квалитети. Еве кои се тие:

Трпение

Секој трговец мора да се вооружи со трпение и да го остави клиентот да си избере производ со свое сопствено темпо. Треба да сфатите дека нетрпението никогаш не води кон ништо добро, особено во бизнисот. Покрај тоа, ако сте нетрпеливи и нервозни, работите ќе ви одземаат повеќе време отколку што сакате. Освен тоа, купувачот ќе ги почувствува вашите емоции и ќе си замине, дури и да имал намера да го купи вашиот производ.

Одговорност

Важно е да се чувствувате должни да го доведете до успех својот потфат, но и потфатот на клиентот, што всушност е добро пазарење. Преземањето на потребната одговорност ќе ви помогне да ги задоволите неговите желби на најдобар начин што го дозволуваат законите и етичките норми и ќе ви исчезне секоја мисла за тоа да се откажете. Во спротивно, многу е возможно да ви “киксне” зделката во клучниот момент.

Ентузијазам

Ентузијазмот се потпира на едно едноставно правило – ако пристапувате со ентузијазам кон работата, кон компанијата и кон производот што го нудите, вие несвесно ќе го пренесете и на клиентот. Соодветно, рамнодушноста ќе ви гарантира “не” како чест одговор од страна на клиентите.

Љубопитност

Љубопитноста е во основата на човековиот развој – ако се стремите кон тоа постојано да се подобрувате како личност и како професионалец, тоа ќе ве натера секој ден да учите нешто ново. Во овој случај, тоа е како подобро да го услужите клиентот. За да ја развиете оваа главна професионална вештина, можете да читате книги, да слушате предавања, да одите на курсеви… Но, ако не се усовршувате како трговец, брзо ќе ги исцрпите идеите, како и вашата конкурентност. А со тоа вие и вашиот бизнис ќе бидете осудени на бавно пропаѓање.

Храброст

Оваа карактеристика ви е неопходна за да преземате ризици што ви ги налага професијата. Понекогаш е потребно многу храброст за да преземете клучен чекор кон проширување на бизнисот, кога насекаде се сретнувате со скептицизам. Освен тоа, ако сте храбри, секоја тешкотија ќе ја доживувате како корисно искуство и секој предизвик како можност за развој.

Чесност

Чесноста ја брише разликата меѓу она што им го зборувате на купувачите и она што навистина го мислите. А, верувајте, купувачот тоа лесно може да го увиди. Затоа трудете се да бидете со чисти намери кога ги објаснувате предностите на вашиот производот, инаку клиентот ќе почувствува дека нешто не е како што треба и ќе загубите сите шанси да го привлечете.

Флексибилност

За еден продавач е од многу големо значење да умее да се прилагоди на пазарот кој постојано се менува. Мора да сте флексибилни и кога вашата компанија се соочува со предизвик, да можете да видите што е добро, а што не и веднаш да превземете соодветни мерки.