
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информира дека во моментов нема добиено официјална нотификација преку Системот за брзо известување за небезбедни производи на Европската унија (RASSF) дека на македонскиот пазар е дистрибуиран небезбеден производ од брендот HiPP.
Станува збор за храна за бебиња во стаклена тегличка од 190 грама, со вкус на морков и компир, која е предмет на повлекување и истрага во Австрија и неколку европски земји.
Од АХВ појаснуваат дека ја следат состојбата и дека ќе реагираат навремено доколку се појави потреба за дополнителни мерки.
Дополнително, од овластениот дистрибутер на производите на HiPP во Северна Македонија е доставено писмено известување дека спорниот производ воопшто не е увезен во земјата и не е пласиран на домашниот пазар.
Институцијата нагласува дека продолжува со редовно следење на состојбата и координација со европските системи за безбедност на храна.
Производителот на храна за бебиња „HiPP“ соопшти дека е цел на обид за изнуда, откако во Австрија беше пронајдена тегла со детска храна контаминирана со отров за стаорци.
„HiPP е жртва на изнуда“, се вели во соопштението на компанијата.











