Седум од десет млади не биле вклучени во консултации од институциите

57

Денес, по повод Меѓународниот ден на младите, Младински образовен форум ја презентираше студијата „Социо-политичко учество на младите: Нееднаквост, неизвесност и различни очекувања”, изработена во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Студијата покажува дека 69% од младите никогаш не биле консултирани од институциите, наспроти една третина (27%) кои биле консултирани на локално или национално ниво. Бројот на испитаници кои никогаш не биле консултирани се намалил за 15% во споредба со истражувањето од 2019 година, што претставува подобрување. Важноста од вклучувањето и активноста на младите генерации ја покажува податокот дека младите кои се вклучени во младинско организирање, имаат попозитивна слика за себе и своето место во општеството.

Студијата покажува дека 58% од младите би се иселиле, доколку им се укаже можност. Од нив, само 6,9% би се вратиле назад во земјата.

Влезот во Европската унија е важна тема за младите, но оптимизмот кај нив е опаднат во споредба со 2019-та. Речиси половина (44%) од испитаниците веруваат дека државата ќе стане членка на ЕУ, а просечната година во која сметаат дека тоа може да се случи е 2026 година.

Само една третина од младите (29%) сметаат дека властите се запознаени со нивните потреби и проблеми. Кога станува збор за младите лица со попреченост, само 8% сметаат дека властите целосно или прилично се грижат за нив и нивните проблеми.

Анкетираните млади покажуваат висока свест за гласањето, од нив на парламентарните избори во 2020 гласале 74,7%. Една петина од младите (20,3%) велат дека редовно преземаат активности за решавање на општествени проблеми, а една третина од тие кои делувале (33,4%) успевале да го решат проблемот.

Пандемијата не ги одмина младите, речиси на 15% им се намалила платата во текот на кризата, додека 6% ја изгубиле работата. Во поглед на образованието, младите кои се во образовен процес даваат просечна оцена 3 за квалитет на наставата за време на пандемијата.

За да се подобри животот на младите во земјата, дел од клучните препораки се да се гарантираат средства во државниот буџет за млади и младински политики, општините да формираат локални младински совети и да отворат младински центри, а политичките партии да се заложат младите да бидат застапени во програмите и на кандидатските листи на претстојните локални избори. Да се поддржува младинското организирање и законски да се гарантира средношколското учество. Институциите да работат на информирање и едукација на младите за потребата од вакцинација за спречување на ширењето на КОВИД-19.

Истражувањето беше спроведено преку телефонска анкета од страна на ТИМ институт во 2020-та година, а е изработено од Младински образовен форум и Фондацијата за демократија на Вестминстер.