Седум потребни вештини за успешна кариера

39

kluc-uspeh-pixabay

Фото: Pixabay

Успехот не се случува преку ноќ. Тој е производ на години, искуство и вештини.

Еве што е потребно да имате/совладате за да напредувате во кариерата.

Прифаќање на критика

Умешноста да се прифатат критики е многу важна за напредок во кариерата. Некои од нив нема да бидат добронамерни, но поголемиот дел ќе помогнат да станете поефикасни и поуспешни на работното место.

Управување со времето

Време секогаш ќе недостига, но важно е да научите да управувате со него (колку можете). Задачите треба да се завршат навреме, но и да се одберат според тежината. Кога чувствувате дека имате сила, преминете на најсложените задачи.

Тимска работа

Понекогаш ќе помислите дека сè можете да направите сами, но вашите претпоставени нема да се сложат со тоа. Тие сакаат луѓе што умеат да работат во тим и да придонесат за што подобри резултати.

Пристојно одбивање

Во одредени ситуации едноставно ќе немате време да бидете од услуга или помош на некој колега/колешка. Тогаш е сосема во ред да кажете не. Сепак трудете се тоа да биде на еден пристоен начин проследен со коректно објаснување на причината.

Зборување во јавност

Многумина се плашат да говорат во јавност, но што побрзо се ослободите од таа трема, тоа подобро. Вежбајте пред огледало или на било кој прикладен начин за вас. Во животот ќе дојдат моменти кога ќе треба да ги кажете вистинските зборови, пред толпа луѓе, без нималку страв.

Преговарање

Способноста на преговарање е една од клучните работи за успех и за да го добиете тоа што го сакате. Притоа мора да покажете цврстина и одлучност, но сепак да не бидете дрски.

Пристапност

За да напредувате во кариерата мора да имате контакти, а тие се остваруваат при разговор со различни луѓе дури и кога не сте расположени за средби. Никогаш не се знае кога некој човек ќе ви затреба во животот, затоа бидете отворени за нови познанства.