Седум причини зошто ги губите вработените

29

list

Фото: Pixabay

Никој не посакува да изгуби добар работник и да наиде на нелојални вработени. Зад таквото однесување се крие незадоволство кое во најголема мера сте го причиниле вие како лидер. Ако и понатаму не знаете каде сте погрешиле во продолжение ќе наидете барем на неколку одговори.

Неавтентичност

Ако не сте доследни на она во што верувате и зборувате, не може да бидете добар лидер. Лидерите на кои луѓето им веруваат секогаш стојат зад нивните вредности и мисија дури и кога се соочуваат со тешки ситуации. Вработените знаат кога нивните претпоставени покажуваат неавтентичност и прикриваат работи.

Лажни ветувања

Ако лидерот вети нешто, вработените со полно право ќе очекуваат тоа да се оствари. Често се случува претпоставените, за време на состаноци, да споделат нешто, идеја, план, ветување, а потоа сосема да заборават на кажаното. Тоа останува запаметено од страна на вработените без разлика за колку мала или голема работа станува збор. Ако ветувањето е празно, разнишана е и довербата.

Нејасност

Вработените бараат точност и прецизност кога им се даваат насоки на работење. Нејасноста укажува на две работи: недостаток на информации во однос на тоа што треба да се прави и прикривање на нешто. Двете работи поттикнуваат недоверба и скептичност. Што појасно ја презентирате визија и целите кон коишто вработените треба да се стремат, толку побрзо тие ќе умеат да се вклучат во истите.

Еднонасочна комуникација

Обично во хиерархиски организации протокот на информации оди од врвот па надолу, преку строго контролирана патека. Вработените си ја вршат својата работа и ја добиваат онаа информација што претпоставените сакаат да им ја кажат. Но, секој од нив сака да биде слушнат и да го даде својот фидбек. Еднонасочната комуникација води само до незадоволни вработени и може лесно да предизвика револт што не би го посакале.

Его

На лидерите им требаат многу добри карактеристики ако сакаат да бидат лидери во вистинска смисла на зборот. Но, она што не им треба е егото и помислата дека се најдобри. Својата енергија и знаење треба да ја искористат за општото добро на целата компанијата. Егото е тешко да се потисне, потребна е голема самодоверба и искрен пристап кон личната мотивација, но ако се сака може да се постигне.

Лутина

Во лидерството нема место за неконтролирана лутина. Тоа само може да донесе страв, непочитување и недостиг на грижа кај останатите. Стресот што лидерската позиција ја носи е голем, но тоа не значи дека вработени се тие на коишто претпоставените треба да ја празнат својата фрустрација. Треба да се побараат поздрави и поефикасни опции за намалување на напнатоста кога истата ќе ја достигне критичната точка.

Фаворити

Едно од најлошите лидерски однесувања е фаворизирање на одредени вработени и истото може да биде прилично демотивирачко. Кога компанијата се потпира на неколку луѓе, останатите вработени ќе почнат да се чувствуваат како заменливи. За тоа да не биде така, компаниите треба да инвестираат во креирање на такви услови коишто доколку клучните луѓе заминат, ќе предизвикаат минимален застој во работата.