
Поради најавата на транспортните превозници за блокада денеска во нашата држава ќе се затворат за товарен сообраќај граничните премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце, а Табановце – Прешево ќе биде затворен од српска страна.
Поради воведувањето на новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија, македонските превозници, како и од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, најавија дека ќе почнат седумдневна блокада на граничните премини што одат кон шенген-зоната. Се бара решавање на проблемот со евиденција на престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена за професионалните возачи.
Планот е блокадите да траат седум дена, но подготвени се да ги запрат протестите, доколку ЕУ започне преговори за надминување на проблемот.
Превозниците неколку пати пратиле писмо до Европската Унија и бараат итно изземање од новите правила за професионалните возачи. Одговор, велат, сè уште нема.
Според правилата, државјани на трети земји без виза имаат право да останат во шенген-зоната вкупно 90 дена во кој било период од 180 дена. Сè што е надвор од ова мора да биде покриено со виза за долг престој или со дозвола издадена од земја членка.
Освен македонските превозници, камионите на граничните премини ќе ги паркираат и транспортерите од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Нема да има пречки за влез и излез на патничките автобуси и автомобили.











