Секој петти стан во Албанија го купил странец

Анкетата на Централната банка на Албанија, спроведена во втората половина на 2024 година помеѓу 230 градежни компании, открива дека се реализирани 863 продажби на станбени единици.

Според извештајот, половина од овие трансакции биле финансирани со банкарски заеми, додека 18% од становите ги купиле лица кои не се жители на Албанија, при што 77% од нив се државјани на земји од Европската унија.

“Градежниците и агентите ја фокусираа својата активност главно на периферијата на Тирана, каде што се забележани високи зголемувања на цените и обемот на продажба.” Во исто време, крајбрежните региони како Драч, Валона и Саранда предизвикуваат растечки интерес кај домашните и странските купувачи.

Времето потребно за продажба на стан во главниот град значително се скрати, намалувајќи се на 7,1 месеци од претходните 9,7 месеци. Ова укажува на голема побарувачка и ефикасност во реализацијата на трансакциите, пренесуваат медиумите. Во другите региони, просечниот период на продажба е намален на 11,6 месеци.

Претставниците на градежните фирми и агенциите за недвижности изразуваат позитивен став за идните случувања. Тие предвидуваат понатамошен пораст на цените и зголемување на понудата на недвижности, посебно во Тирана и крајбрежните предели.

Поконкретно, 56% од нив очекуваат стабилност, 39% предвидуваат зголемување на цените на становите, а само 4% сметаат дека цените ќе се намалат.