На секој трет склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач, е еден од заклучоците на Сумарниот извештај од мониторинг на итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот, што го спроведе Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Меѓу другите заклучоци што произлегуваат од извештајот се дека 6,7 милиони евра е вредноста на договорите за итни јавни набавки за заштита од коронавирусот склучени во првите шест месеци од кризата, а една третина од вредноста на овие договори отпаѓа на Министерство за внатрешни работи (МВР), коешто со 2,2 милиони евра води според износот на склучените договори.
Вкупно 43% од вредноста на сите тендери им припаднала само на пет фирми, иако вкупно 186 фирми добиле тендер поврзан со коронавирусот, додека 68% од склучените договори институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од 10 дена од потпишувањето.
Во извештајот се нотира и дека постојат значајни разлики во цените на набавените маски, скафандери и ракавици, а дел од договорите не содржат прецизен опис на производите што се набавуваат, што остава простор за злоупотреби при реализација на договорите.
Вкупната вредност на досега склучените договори за јавни набавки преку итната постапка со преговарање без објавување оглас изнесува 413 милиони денари или 6,7 милиони евра.
Од март до август годинава се склучени вкупно 447 договори за итни набавки. Вакви итни набавки имале 97 државни институции.
Најголема вредност на склучените договори има МВР, кое склучило 13 договори во вкупна вредност од 2,2 милиони евра, што е дури една третина од вредноста на договорите на сите други институции заедно.
Фото: Pexels











