
Секој втор анкетиран бугарски граѓанин е против воведувањето на еврото, според најновото истражување на Евробарометар.
Според истражувањето, 50 проценти од Бугарите се против воведувањето на еврото, а 43 проценти го поддржуваат овој чекор, пишува порталот Новините.
Резултатот ја сместува Бугарија меѓу петте земји од Европската Унија каде што мнозинството граѓани се против приклучувањето кон Еврозоната. Во таа група спаѓаат и Шведска со 55 проценти од населението против еврото, Полска 59 проценти, Чешка 63 проценти и Данска 65 проценти.
Бугарските економисти во моментов се поделени околу прашањето дали нивната земја е подготвена да се приклучи кон Еврозоната на почетокот на 2026 година, додека банкарскиот сектор објави дека е добро подготвен за овој чекор, објавува Блиц.
Во својата порака, организацијата нагласува дека банкарскиот сектор на земјата е веќе длабоко интегриран со Еврозоната, што го отвора патот за непречена транзиција.
Покрај тоа, ниското ниво на државен долг на Бугарија се издвојува како клучен позитивен фактор, со сооднос на државниот долг со БДП од 24,1 процент на крајот од годината, што е далеку под просекот на ЕУ од 81 процент.
Буџетскиот дефицит на Бугарија останува во рамките на прагот од три проценти, а економијата забележа солиден раст од 3,1 процент во првиот квартал од 2025 година.











