Семејната компанија на Трамп прогласена за виновна за даночна измама

32

Две подружници на компанијата на Трамп беа осудени по сите 17 обвиненија за даночна измама и фалсификување деловни книги. „Организацијата Трамп“, која управува со хотели, терени за голф и други имоти ширум светот, се соочува со казна до 1,6 милиони долари. Точниот износ на казната ќе го одреди судијата, а изрекувањето на пресудата е закажано за 13 јануари
Семејната фирма на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, „Организација Трамп“ е прогласена за виновна за финансиска и фискална проневера, објави окружниот обвинител Алвин Брег на Твитер.

Две подружници на компанијата на Трамп беа осудени по сите 17 обвиненија за даночна измама и фалсификување деловни книги. „Организацијата Трамп“, која управува со хотели, терени за голф и други имоти ширум светот, се соочува со казна до 1,6 милиони долари.

„Поротата која вчера се повлече за да ја разгледа пресудата по повеќе од еден месец судење, ги прогласи корпорацијата Трамп и корпорацијата за плати на Трамп за виновни по сите точки од обвинението“, напиша обвинителот Алвин Брег на својот твитер-профил и додаде дека ова е првпат поротата да осуди компанија на поранешен претседател на кривични пријави.

Точниот износ на казната ќе го одреди судијата, а изрекувањето на пресудата е закажано за 13 јануари. Иако казната не би требало значително да влијае на неговата семејна компанија, таа би можела да ја попречи нејзината способност за бизнис. Поранешниот американски претседател Трамп не е обвинет во овој случај.

Трамп, кој неодамна објави дека повторно се кандидира за претседател, рече дека случајот против неговата компанија е дел од политички мотивиран „лов на вештерки“.

Адвокатот на компанијата Трамп, Алан Футерфас, ја објави жалбата.

„Организацијата Трамп“ одделно се соочува со тужба за измама што ја покрена обвинителката на државата Њујорк Летиција Џејмс.

Американското Министерство за правда исто така ја истражува наводната вмешаност на поранешниот американски претседател во напорите за поништување на изборните резултати. Станува збор за немирите што избувнаа кога бунтовниците упаднаа во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година во обид да го поништат изборниот пораз на Трамп.