Септемвриската инфлација во еврозоната 9,9 отсто

Годишната стапка на инфлација во еврозоната достигна 9,9 отсто во септември наспроти 9,1 отсто во август, објави во средата Евростат. Една година претходно, годишната инфлација во еврозоната беше 3,4 отсто.

Кога станува збор за целата Европска унија, годишната стапка на инфлација во септември се искачи на 10,9 отсто од 10,1 отсто во август. Инфлацијата во ЕУ пред една година беше 3,6 отсто.

Најниски годишни стапки на септемвриска инфлација во еврозоната се регистрирани во Франција (6,2 отсто), Малта (7,4) и Финска (8,4). Во исто време, трите балтички држави имаа највисоки стапки на инфлација во септември. Естонија (24,1 отсто), Литванија (22,5 отсто) и Летонија (22 отсто).

Во септември инфлацијата се намали во шест земји-членки на ЕУ, во една остана стабилна, а нејзиниот раст е забележан во 20 земји. Најголемо влијание врз растот на инфлацијата во еврозоната во септември имаше зголемувањето на цените на енергенсите, а потоа храната, алкохолот и тутунот, како и услугите.

Очекувањата на експертите укажуваа дека инфлацијата во еврозоната ќе биде двоцифрена, но овој пат за влакно беше избегната. Сепак, тоа не треба да ја поколеба Европската централна банка следната недела да ја зголеми каматната стапка за 0,75 отсто, пренесува Блумберг.