Сертификат “Чисто и безбедно“ за угостителски објекти кои ги почитуваат протоколите за работа

18

Независната угостителска комора (НУК) соопшти дека од среда почнува со издавање на сертификат “Чисто и безбедно“ за угостителските објекти кои ги применуваат и почитуваат во целост препораките и протоколите за работа во услови на пандемија.

Комората, како што стои во соопштението, минатата недела потпишала меморандум за соработка со Министерството за економија за добивање овластување за издавање на сертификати “Safe travels“.

“По примерот на европските и соседните балкански држави, а со цел да излеземе побрзо во пресрет на потребите и барањата на нашите членки од среда, 14 април, започнуваме со издавање и на сертификат со пeчат Чисто и безбедно (CLEAN & SAFE) за македонските угостителски објекти кои ги применуваат и почитуваат во целост препораките и протоколите за работа во услови на пандемија Ковид-19“, велат од НУК.

Сертификатот е за период од шест месеци, а со него им се дава до знаење на посетителите дека посетуваат трговски и угостителски објекти кои се обврзале да ги почитуваат сите правила, процедури, препораки и протоколи за работа со кои се обезбедува чист и безбеден престој.

“Во време на здравствената криза со пандемијата Ковид-19 во која сме затекнати повеќе од една година, за секој наш гостин најважно е здравјето и неговата сигурност во престојот на угостителските објекти кои ќе мора да покажат и докажат дека ги исполнуваат бараните стандарди, препораки и услови за безбедност и превеција во заштитата на здравјето“, потеницираат од НУК.

Угостителските објекти ќе можат да го користат сертификатот и печатот во своите рекламни материјали, на социјалните мрежи, на своите веб страни во електронска форма, како и на влезните врати на рестораните и хотелите.

Од НУК најавуваат дека со донесувањето на препораки или протоколи за организирање на настани како прослави, семејни веселби, свадби и корпоративни настани и препораки за работа на ноќните клубови и дискотеки, ќе бидат изработени соодветни сертификати и за нив.

“Очекуваме голем интерес од угостителите за добивање на сертификати и печати за “ЧИСТО И БЕЗБЕДНО”. Апликацијата за пријавување за добивање сертификат заинтересираните угостители, менаџери и сопственици на угоститителски објекти можат да ја пополнат на следниот линк: Апликација – барање за добивање сертификат и печат “Чисто и Сигурно“.

Швајцарските здруженија и асоцијација за трговија и туризам се првите кои започнаа со издавање на ваквите сертификати и печати “Clean & Safe”. Швајцарската кампања “Clean & Safe“ е поддржана и од Switzerland Tourism.