Северен тек 2 – Германија го суспендира процесот на одобрување на гасоводот

49

Германската федерална регулаторна агенција ја суспендираше процедурата за одобрување на контроверзниот гасовод Северен тек 2, преку кој руски гас треба да доаѓа во Германија и Европа.

Иако изградбата на гасоводот заврши и тој веќе е наполнет со гас, испораката зависи од одобрувањето на проектот од регулаторите. Во услови кога зимата се доближува и се зголемува побарувачката на гас, немањето одобрение ги заострува тензиите помеѓу Германија и Русија.

Регулаторната агенција денеска објави дека не може да го одобри Северен тек 2 како независен оператор бидејќи седиштето на компанијата е во Швајцарија, а не Германија.

„Подружницата формирана да управува со германскиот дел на гасоводот не ги исполнува условите да биде независен оператор за пренос“, соопшти агенцијата.

Одобрувањето од регулаторната агенција не е ниту последниот чекор. Таа потоа мора да испрати извештај во Европската комисија за да добие мислење дали е сè во согласност со законодавството на ЕУ, што би можело да потрае и четири месеци.

Гасоводот, на кој се противеа САД и источноевропските земји, беше довршен во септември.